Во организација на домот на културата „Иван Мазов Климе“ и Комисијата за еднакви можности на Општина Кавадарци, деновиве се одржаа промоција и книжевен разговор за книгите „Книжевна мапа за Скопје“ од Моника Илкова и „Македонската книжевна жена“ од Ирина Тумбовска. Со промотивна реч на Весна Мојсова-Чипишевска, под чие менторство се работени магистерските трудови што подоцна прераснуваат во книги, и гласот на уште една некогашна студентка, Марија Камчева, која беше модераторка на настанот, љубителите на пишаниот збор можеа да уживаат во многу убав настан што ги промовира првите трудови на овие две млади авторки, како и ликовните дела на Јасминка Стојческа од Кочани, која живее во Кавадарци.

– Минатата година Скопје не можеше да добие нешто поубаво од своја книжевна мапа и не можеше да добие поубаво одбележување со самата промоција на книгата на Моника Илкова, која се случи на 13 ноември, кога се навршија 79 години од денот кога слободата почна да чекори по неговите улички и сокачиња, кога слободата почна да пее заедно со скопската калдрма, со неговиот и наш Камен мост, со плоштадот. И тоа точно во годината кога изброивме 60 години откако Скопје на своите кревки плеќи ги понесе сите последици од катастрофалниот земјотрес. Ама еве сме и на втората промоција во градот Кавадарци, со кој таа лично и емотивно е поврзана. Денеска поголем број понови романи, но и постари во понови изданија може да се најдат придружени со вакви мапи, со кои се визуализираат градот од романот и местата во него поврзани со приказната. Можеби токму тие беа предизвик за Моника да се охрабри да исцрта една своја мапа на Скопје во која улиците ги носат имињата на оние што со и преку своето творештво го прославија овој град што го носат во своето срце – истакна Весна Мојсова-Чепишевска на книжевниот разговор за книгата „Книжевна мапа на Скопје“.

Ирина Бунтевска својата прва книга „Македонската книжевна жена“ ѝ ја посветува на својата мајка, која во неа ги разбудила сите жени.
– Авторката Ирина Тумбовска вистински предизвик за оваа тема најде во личната заинтересираност да ги претстави и анализира модалитетите на женскоста во македонскиот роман. Затоа таа се исправува пред одредени книжевни жени што „живеат“ во различно време во Македонија почнувајќи од 19 век до денес. Интенција е да ја истражи токму македонската книжевна жена создадена во различни периоди, од автори и авторки, да ги исчита женските ликови што припаѓаат на различни жанрови – историски реализам, модернизам, постмодернизам, како што се: Росица од „Куклите на Росица“ на Оливера Николова, Калина од „Разбој“ на Владо Малевски, Злата (а донекаде и Сребра) од „Резервен живот“ на Лидија Димковска и Бригита од „Телото во кое треба да се живее“ на Петар Андоновски. Поглавјето „Багажот што се носи од раѓање“ ги проследува женските ликови низ неколку сегменти, и тоа преку хронотипот, преку семејството, но и преку професијата и образованието. Потоа се насочува кон истражувањето на начинот на кој љубат овие четири книжевни жени, што е всушност е срцевината на оваа книга – рече промоторката Весна Мојсова-Чипишевска на промоцијата во Кавадарци.