Паневропскиот филмски фонд „Еуримаж“ додели финансиски средства за 26 проекти од вкупно 76 пријавени на сесијата што заврши неодамна.
– Оваа сесија ја обележи шпанската кинематографија со вкупно десет пријавени проекти, од кои шест добија финансиска поддршка. Ако се има предвид дека секој пријавен проект во„ Еуримаж“ има потврдена национална финансиска поддршка, ова навистина е респектабилен буџет за филмски проекти, и тоа само за една сесијa – изјави националната претставничка Тања Ќурчинска Пепељугоска по завршување на 171-та сесија.
Мартовската сесија ја обележи и родовата еднаквост, која изразена во статистика покажува дека од вкупно 26 поддржани проекти, 14 се на режисерки, односно 54 отсто од проектите се под женската режисерска палка.
– А доколку ги анализираме доделените средства, 61 отсто од вкупниот мартовски буџет им припаѓа на овие 14 проекти во режија на жените режисери – дополнува таа.
„Еуримаж“ е пред остварување на поставената цел за еднаква распределба на средствата меѓу мажите и жените режисери.
Проектот „Бело се пере на 90“, во режија на словенечкиот режисер Марко Небершник, доби поддршка во износ од 149.000 евра. Во овој проект учествуваат голем број копродуценти од Словенија, Италија, Србија, БиХ, Црна Гора, а од Република Македонија копродуцент е „Црна мачка“ од Скопје.
Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела „Еуримаж“ од своето основање во 1989 година до денес поддржал 2.464 копродукциски проекти со вкупен буџет од околу 701 милион евра.