Во ликовниот салон на Центарот за култура во Кичево е отворена втората самостојна изложба на изработки од бакар на последниот кичевски казанџија Коста Галиманоски. Оваа изложба изобилува со голем број бакарни штитови, амблеми, казани и фигурички создадени од отпадно железо и бакар. Казанџијата ја подготвуваше оваа изложба околу десетина месеци и ова е нејзино премиерно претставување.
– Изложбата е доста обемна. Во изминатите десетина месеци бев целосно фокусиран околу нејзината подготовка. За мојата втора самостојна изложба подготвив 12 бакарни штита што пред повеќе векови се употребувале речиси во сите балкански земји во време на војни. Не изостана ни презентација на моите основни производи, казаните, а претставени се малиот казан од четири литри и нешто поголемиот со капацитет од 25 литри. За оваа изложба подготвив и голем број амблеми, а посебно богатство се десетината слики изработени во бакрорез со различна тематика и големини – истакна Коста Галиманоски, кој очекува и оваа изложба, како и претходната лани во мај, да биде посетена од голем број љубители на казанџиството и уметноста воопшто.
Изложбата ќе патува во Скопје, Битола, Охрид и во другите културни центри во Македонија. З.А.