Александар Стојчев остави неизбришлива трага во областа на изучувањето на историјата на македонскиот народ во 19 век, 20 век и почетокот на 21 век, со посебен акцент на воената историја

Литературно дружење и презентација на творештвото на Александар Стојчев, историчар и писател, ќе се одржат денеска, во 12 часот, во книжарницата „Матица ексклузив“. Александар Стојчев остави неизбришлива трага во областа на изучувањето на историјата на македонскиот народ во 19 век, 20 век и почетокот на 21 век, со посебен акцент на воената историја. Вгради особен белег во областа на воената историја, како раководител на Службата за историја – Воен музеј при Министерството за одбрана во периодот од 2010 до 2021 година.
– Неговата љубов беа историјата и нејзиното истражување, како и бележењето на историските податоци до кои доаѓаше со неговото постојано истражување во архивите и музеите низ Македонија, Европа и низ САД. Резултатите од неговите истражувања ги објавуваше во изданијата на Институтот за национална историја, во своите посебни изданија, како и во рефератите презентирани на повеќе симпозиуми. Страсно до перфекција се вградуваше во подготовките и реализацијата на изложбените поставки во својата матична куќа – Воениот музеј на Македонија. Изложбите ги подготвуваше до најситни поединости, а во текстовите на придружните каталози научно ги обработуваше деталите и настаните за кои тие се однесуваа – информираат од „Матица“.

Врв на неговата авторска музејска дејност беа изложбите: „Американско-македонски односи низ историјата“ одржана во Воениот музеј во 2016 година и грандиозната изложба „Македонија и Македонците во Првата светска војна“, која се одржа во Воениот музеј на Австрија во Виена во 2017 година.
Автор е на повеќе изданија, како монографијата „Дојран 1915-1918 (Воени операции)“ од 2007 година, книгата „Македонија и Македонците во Првата светска војна“ од 2017 година, заедно со неговиот татко проф. д-р Ванче Стојчев е коавтор на монографиите „Букурешкиот мировен договор и поделбата на Македонија во 1913 година“ и на монографиите „Воената историја на Македонија“ и „Воената историја на Македонија – карти“. Автор е и на многубројни написи за историјата на Македонија и Македонците во 19 век и 20 век, објавени во многу ревии и публикации во Македонија и во странство.