Од Сараево за „Нова Македонија“,
Екатерина Лазаревска и Александра Лашкова

Забележителни регионални премиери на Сараевскиот филмски фестивал (СФФ) имаа два квалитетни играни филма: „Безбедно место” на хрватскиот режисер Јурај Леротиќ и „Клондике” на украинската режисерка Марина Ер Горбах. Забележливо е дека салите на проекција на СФФ и на отворено се преполни со аудиториум од целиот регион.

Проекциите на филмовите се следат со големо внимание

Во Сараевскиот народен театар, со регионална премиера на филмот „Безбедно место” на хрватскиот режисер Јурај Леротиќ, продолжи натпреварувачката програма во категоријата – игран филм. За потсетување, светската премиера на овој филм се одржа на филмскиот фестивал во Локарно.

Филмот „Безбедно место” прикажува еден трауматичен настан, ненадеен обид за самоубиство, со што се отвори длабока празнина во секојдневието на едно тричлено семејство. Нивниот живот суштински ќе се смени. Семејството , како да е вовлечено во „војна” што е невидлива за сите останати од околината. Дејството се одвива во краток период и се сведува на најакутното нешто – спасување на саканата личност. „Безбедно место” е заснован на личното искуство на авторот Јурај Леротиќ, кој е и главниот актер во филмот.

Режија: Јурај Леротиќ

Улоги: Снежана Синовчиќ Шишков, Горан Марковиќ, Јурај Леротиќ

Со прикажување на регионалнатата премиера на филмот „Клондике” на украинската режисерка Марина Ер Горбах, филмот влезе во конкуренција на натпреварувачката програма на 28. Сараевски филм фестивал во категоријата – игран филм. Сижето на филмот е ограничено со временска рамка на јули 2014 година. Сопружниците Ирка и Толик, кои живеат во Донецк, регион во источна Украина недалеку од границата со Русија, се окружени со воени дејствија што полека се приближуваат кон нивното село во Донбаската област. Сопружниците Ирка и Толик наскоро очекуваат раѓање на дете. Нервозното исчекување на чинот на раѓањето на првото дете е насилно прекинато од кулминирачката тензија след соборувањето на воен авион недалеку од нивното село. Остатоците од соборениот авион и парадата на ожалостените кои доаѓаат да го посетат местото на несреќата ја нагласуваат надреалната трауматична природа на моментот. Додека сепаратистичките пријатели на мажот на Ирка, Толик, очекуваат тој да им се придружи на напорите, братот на Ирка е бесен затоа што се сомнева дека двајцата сопружници ја предале Украина. Ирка одбива да биде евакуирана дури и откако туѓа војска го окупира селото. Таа очајнички се обидува да ги смири нејзиниот брат и нејзиниот сопруг, барајќи од нив заедно да ја реновираат нивната куќа, разрушена од бомбардирањето…

Фото: Официјална страница на СФФ

Режисер: Марина Ер Горбах

Улоги: Оксана Черкашина, Сергеј Шадрин, Олег Шербина, Олег Шевчук, Артур Арамјан, Евгениј Ефремов