Како политички неписмена багра нѐ одведе во безидентитетска бездна

Што се случува со националната политика? Ако воопшто имаме таква. Што се случува со националната држава на македонскиот народ од деведесеттите? Зарем сѐ уште некој верува дека постои. Секој ден во Македонија настаните дополнително ја надминуваат имагинацијата на апсурдните романсиери и комичари, навестувајќи забрзаното распаѓање на политичкиот систем и националната држава, ставајќи ги под прашање владеењето на правото, демократскиот систем, па дури и пазарната економија. Конвулзиите во националната политика не се ограничени на сегашната власт. Исцрпеност, безнадежност, намалена ефективност на политиката се теми што се провлекуваат со години. Затоа не сум изненаден зошто енергичните авторитарни „решенија“ во моментов се толку популарни кај нас. Затоа Македонија од национална држава се претвори во беззаконска банда што генерира нихилистичка реакција од оние што велат дека биле најмногу тероризирани и разгалени. Резултатот? За сè поголем број луѓе нашата држава е политичка национална руина што не може да понуди веродостојна, остварлива иднина. Национална држава без нација.
Со години Западот го постави национализмот како главен непријател на системот, што ги афектира неговите две најважни креации: нацијата и националната држава. Така, национализмот полека го претворија во реликвија на историјата; феномен што треба да се елиминира бидејќи не дозволува понатамошен незадржлив развој на економските сили. Како резултат на тоа ќе се појави ново општество, чија совршена хомогеност ќе се заснова на универзален принцип наместо на национален. Овој „нов храбар свет“ ќе биде обликуван од нова општествена формација – хомогена универзална држава што ќе ја замени обединетата национална држава. И таа нова држава, која е во процес на настанување, која никако да настане, ја погреба националната држава во Македонија. Неолибералите, кои денес изгледаат целосно посветени на борбата против какви било манифестации на национализам, очигледно веќе не знаат што прават. Комплетно забегаа. Нивната победа ќе се смета за еднаква на уништување на сите основи на нашиот општествен живот.

Неолибералите не се свесни дека начинот на кој ја водат борбата против национализмот – кој моментално има форма на судир со националните држави – продолжува да ги уништува темелите на западните општества. На нашето општество одамна ги уништи. Лишени од организам на национална држава, западните општества, а и ние заедно со нив, предодредени сме и осудени на хаос и незамислива социјална катастрофа. Ако некој има дилема во овие зборови, нека ја погледне реалноста во Македонија денес. Исто така, се чини дека настаните од последниве години ја потврдуваат валидноста на размислувањата дека сме далеку од нов тип општествена организација што би можела да ја замени хомогената национална држава. Најдобар сведок за неуспехот на една хомогена европска држава, веројатно, би го опишал случајот на централизација и федерализација на моќта на Европската Унија, кои пропаднаа откако се соочија со реалноста – не постои хомогена култура што ги поврзува сите оние што ги населуваат териториите помеѓу брегот на Атлантикот и реката Буг.
Некој ќе се запраша: за што се борат неолибералите денес? Свесни ли се за реалноста што ни се случува. Или да го парафразирам прашањето: за што се борат неолибералите во Македонија денес? Секако, да го задржат своето досегашно влијанија, додека нивните клишеа за слобода и еднаквост се само празни идеолошки пароли што се користат во нивната постојана борба за политички опстанок. Одамна претставниците на неолиберализмот станаа олигархија способна да управува со западните општества. Неолибералите се фокусираа на спроведување на идејата за слобода, сфатена од нив како недостиг од ограничувања. Наместо тоа, ова беше повеќе за укинување на ограничувањата од секаков вид; не само економски туку и оние наметнати од семејството, државата и културата (нацијата). Затоа, повеќето неолиберали ја сметаат националната држава за свој главен противник; институција што го обликува секое општествено постоење со воведување и одредени ограничувања. Со таквиот пристап жестоко се борат сите оние што се противат на какви било утописки ставови. Таму каде што демократијата успева да ја надмине олигархијата во една од државите, таквата ситуација веднаш се нарекува „триумф на популизмот“. И, изгледа во борбата на неолибералите и популистите, овие вторите победуваат. Секако не и кај нас. Затоа нашата историја станува заедничка, нашата култура иста, а јазикот дијалект. Да читаа нашиве политичари во животот колку што крадеа ќе знаеја малку повеќе каде нѐ водат. Вака, не одведоа во безидентитетска бездна.

Проф. Звонимир Јанкулоски