Во организација на домот на културата „Иван Мазов Климе“ и здружението „Васил Хаџиманов јуниор“ синоќа на градскиот плоштад во Кавадарци се одржа меѓународниот џез фестивал кој годинава беше посветен на големиот уметник, пејач, композитор и глумец Зафир Хаџиманов под наслов „Клавир , вино и гитара“. Синоќешното издание на џез фестивалот на едно место ги собра врвните музичари : Тони Китановски квартет, Сашо Поповски трио, Зарина Првасевда и се разбира Васил Хаџиманов бенд во кој покрај синот на Зафир, Васил Хаџиманов членуваат Јуре Пукл од Словенија, Оливер Јосифовски од Битола и Александар Петров од Македонија, кои на публиката и ја понудија музичката авантура насловена „Са југа“. Синоќа публиката имаше можност премиерно да ја слушне и најновата композиција под наслов „Блуз за Зафир“. Иако заради дождот фестивалот имаше скратена програма, сепак, понуди прекрасно музичко доживување кое треба во иднина да се повтори.

Прекрасната соработка со родното Кавадарци која во изминативе години грижливо ја
негуваше Зафир ја продолжува и неговиот син Васил, кој со особена гордост го носи името на неговиот дедо, етномузикологот и еден од најголемите собирачи на македонски народни песни Васил Хаџиманов. Неговата грижа за иднината на собраните народни песни кои моментно се наоѓаат во Македонската академија на науките и уметностите беше тема на разговор на средбата која Васил Хаџиманов ја реализира со градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев. Негова заложба е тие музички записи кои претставуваат непроценливо богатство за Македонија да го видат светлото на денот и да бидат отпечатени или во вид на монографија или една цела едиција на песнарки во зависност од регионот од кој потекнуваат.

Станува збор за осум до десет илјади изворни народни песни кои етномузикологот Васил Хаџиманов со години ги собирал од разни региони во Македонија ги снимал на магнетофонска ленти, ги запишувал текстовите и и ги симнувал нотитите од сниманиот материјал. Неговиот внук Васил како аманет од неговиот татко Зафир посакува тоа огромно фолклорно богатство да не се заборави туку да им се подари на идните генерации преку кои ќе можат со нови снимки и преработки во нови аранжмани и вокали да го продолжат и збогатат нивното опстојување. На средбата со градоначалникот Јанчев стана збор и за огромен број на предмети, награди и
признанија заедно со објавени книги на Зафир кои неговиот син предлага да бидат подарени на неговиот роден град Кавадарци. Од средбата произлезе иницијатива за изградба на спомен куќа која целосно ќе биде посветена на животот и делото на големиот уметник Зафир Хаџиманов. Ми.М.