Фото: МИА

На денешната седница на Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието, министерката за одбрана Славјанка Петровска ги запознала членовите на Комисијата со Информацијата и потребата на Армијата за набавката на современ систем за противвоздушна одбрана.

– Станува збор за унапредување на системот за борбена готовност на Армијата во насока на остварување на основната задача за одбрана на независноста и територијалниот интегритет и суверенитет на државата, за чија цел Министерството за одбрана пристапува кон набавка на современ систем за противвоздушна одбрана, а за кој ќе склучи договор со Министерството за одбрана на Република Франција – стои во соопштението од МО.

Станува збор за повеќегодишна набавка на систем за противвоздушна одбрана на мали височини, кој треба да ја унапреди борбената готовност на Армијата, а кој е предвиден согласно Планот за опремување и модернизација на Армијата.

Како НАТО членка, безбедноста на нашето небо ја гарантираат сојузничките воздухопловни сили, а набавката на системот за противвоздушна одбрана е комплементарна во целокупниот одбранбен систем на државата.

Од МО информираат дека во согласност со Законот за јавните набавки во одбраната и безбедноста, Министерството за одбрана наскоро ќе склучи договор со Министерството за одбрана на Република Франција, за кој јавноста ќе биде подетално информирана и за типот на воена опрема и за динамиката на испорака.

Во изминатите две децении, се наведува, не е извршена набавка на систем за противвоздушна одбрана кој е потребен пред сè за поддршка и заштита на припадниците на Армијата, заштита на институциите, и зголемување на безбедноста и сигурноста на граѓаните на Македонија.