Фото: Приватна архива

Успехот е негов, на неговите ментори, но и на државата. А државата не исполнила ништо од ветеното за развој на Македон, реагира неговиот татко Владимир Димитровски

Третоодделенецот Македон Димитровски продолжува да освојува медали на натпревари по математика на светско ниво. Последниот, трет медал го добил само пред неколку дена на финалниот натпревар „Математика без граници“, кој се организира во 22 земји во цел свет и се реализира преку менторите во училиштата.

Успехот е негов, на неговите ментори, но и на државата. А државата не исполнила ништо од ветеното за развој на Македон, реагира неговиот татко Владимир Димитровски.

Македон сега е трето одделение во тетовско основно училиште. Неговата генијалност често ги остава без зборови и неговите наставници, но и родителите, кои се трудат да му овозможат соодветно идно образование наменето токму за талентирани деца.

Македон е мал генијалец: Решава задачи за средно и освојува медали, учи јазици за миг, галаксиите ги знае до детали

Иницијативи за негова дополнителна едукација пристигале од секаде, а како што вели Владимир, интерес покажало и Министерството за образование и наука. Но, после неколку месеци конкретна помош и реализација на ветеното нема.

– Откако го објавивте текстот за Македон имаше безброј повици. Не повикаа од Министерството за образование и наука, ни ветија неколку работи, но досега ништо од тоа не е исполнето. Спомен од тој состанок остана подарокот ранец и неколку книги. Ги контактиравме, но не добивме конкретни одговори. Веројатно тогаш јавноста направи притисок и мораше да не повикаат. Но, реализација на ветеното нема – посочува Владимир.

Вели дека помош побарале од МОН, бидејќи тоа е најсоодветната институција која може и треба да ги насочи нив како родители, но и да му пружи подобро образование на талентираниот мал математичар.

– Се работи за доброто на Македон. Како да најдеме соодветно решение за негова идна едукација. Затоа и бараме помош од државата – додава Владимир.

Тој напиша и реакција на Фејсбук.

„Денеска покрај медалот по математика добивме и голем пораз од државата. Имено, пред неколку месеци кога Македон ги освои првите златни медали по математика бевме повикани во Министерството за образование на прием кај министерот. Таму бевме дочекани со сите почести, многу сликање, поклони, како ранец и книги за Македон и најважното многу ветувања.
– Прво дека ќе се среќаваме еднаш месечно за да видиме како напредува Македон и на кој начин тоа да се артикулира,
– Беше ветено од страна на министерот дека ќе стапи во контакт со сите големи амбасади за да и тие помогнат во процеситње на едукација на Македон,
– Дека ќе се формира комисија што ќе направи програма за надарени деца за да може во иднина да ги едуцира овие деца,
– Ни беше кажано дека има потенцијални спонзори кои сакаат да останат анонимни да финансираат неограницени средства во школувањето на Македон.
И уште многу други работи …
И сега после неколку месеци покрај многу повици од наша страна до истото тоа министерство, конечно ни кажуваат дека сето тоа било една голем фарса и дека од сето тоа што го ветиле нема ништо.
Ни кажаа дека амбасадите не можеле да ги контактираат на соодветно ниво, туку во неформални контакти биле незаинтересирани, дека спонзорите одеднаш станаа незаинтересирани, а државата не може да инвестира во ваков тип на образование.
Со еден збор добивме едно големо НИШТО на денот кога Македон го доби третиот медал по математика замислите на светско ниво.
Што треба едно дете со таков IQ и со такви успеси да направи за да добие поддршка од државата?
Засега една големо 0“, се вели во неговата реакција.

Македон ги доби златните медали за освоените први места во математика на светско ниво

Малиот генијалец имаше и прием кај претседателот на државата Стево Пендаровски.

Пендаровски го прими малиот генијалец Македон: Овие ученици заслужуваат максимална посветеност од државата

„Нова Македонија“ пред неколку месеци ја објави приказната за Македон, која ја разбранува јавноста. Тогаш неговите родители посочија дека нашиот образовен систем не е прилагоден за талентирани и надарени деца и во пракса не води посебна грижа за нив.

– Доста ни е забавно и интересно. Не ни е чудно веќе ништо. Некогаш за домашата задача ни вели: Ова е шега. Кога ни кажа учителката дека не крева рака на училиште и го прашавме зошто, ни одговори: Па треба и другите деца да се види дека знаат. Кога ќе го прашаме како поминал на училиште, ако имало некое немирно дете, ни вели: Тој со многу високи децибили зборува. Такви одговори добиваме од Македон кога разговараме. Колку што е тешко да имаш дете со потешкотии во развојот, толку е тешко да имаш и дете што отскокнува. Многу работи не проаѓаат кај него, мора многу да разговараш. А, не дај боже, нешто да не знаеш – вели таткото.

„Нова Македонија“ се обрати до Министерството за образование и наука и побара одговор за нереализираните ветувања за кои реагира Владимир Димитровски. Прашавме и дали постои начин МОН како главна образовна институција во државата да помогне во понатамошна едукација на овие талентирани и надарени деца? Одговорите од МОН ќе ги објавиме веднаш штом ќе ги добиеме.