Фото: Приватна архива

Уште на три години Македон пресметувал трицифрени броеви, синуси, квадратни корени, без никакво помагало.

Македон Димитровски има само седум години и со леснотија решава математички задачи како за втора година од средно образование. Овој мал генијалец неодамна на Македонија ѝ донесе златен медал во натпревар по математика, во конкуренција со 4.000 учесници од цел свет.

– Натпреварот се вика „Математика без граници“ и се организира во 22 земји во цел свет и се реализира преку менторите во училиштата. Неговата учителка поттикна Македон да оди на натпревар, па ние го пријавивме. За првиот натпревар, кога полагаше, малку се подготвуваше дома, и потоа освои златен медал. Во вториот дел се натпреваруваат сите успешни од првиот натпревар. Ама ние не разбравме дека треба пак да се пријавиме. И испадна дека не може да учествува. Арно ама, неговата учителка пишала до организаторот и дека беше со освоен златен медал, па го примија. Се полагаше истиот ден, само овојпат немаше подготовка зашто немаше време, и пак освои златен медал. Сега го поканија на некое завршно финале во Несебар, но не знам дали ќе успемее да отидеме – раскажува неговиот татко Владимир Димитровски.

фото: Приватна архива

Македон чита и пишува од две години. И на латиница и на кирилица. Течно говори и англиски јазик.

– На четири години го носевме на тестирање во еден центар за психологија. И кога го однесов, психологот со кој разговаравме ни рече дека нема тест за таа возраст. Македон решаваше тест за возраст од 7 до 14 години, а испадна дека има коефициент на интелигенција 134. Ни рекоа дека со текот на возраста тој коефициент ќе достигне до 145-150. Кога го запишувавме, пак, во прво одделение, според процедурата, нели, бевме на психолог за тестирање. Таа ни рече: Над 40 години работам, ама вакво дете немам видено. Нѐ праша дали сакаме веднаш да се запишеме во второ или трето одделение. Не сакавме зашто е важен и емотивниот развој. А нему и нема да му смени многу зашто и тоа што се учи во погорните оделенија не му е предизвик, сѐ знае – раскажува таткото.

Македон во само еден час ги има научено кинеските бројки до милион, и како се читаат и како се пишуваат и како се изговараат. Истото се има случено и кога го пратиле на курс по германски јазик. После само еден час тој ги знаел бројките до милион.

– Детето има фази на интерес. Галаксиите ги научи до најмала ситница, секоја планета која темепратура ја има, колку е оддалечена од Земјата, дали е масата цврста, гасовита, немаше нешто што не знаеше, а имаше само пет години. Сега е во фаза географија. Не само што ги знае знамињата, ги знае и како се менувале минативе 100 години. Во последно време сака да „предвидува“, ги црта картите на Европа и кој која земја ќе ја заземе и како ќе изгледа мапата на Европа или на светот за едно 20 години. Тон такви мапи има нацртано – раскажува Владимир.

фото: Приватна архива

Сепак, математиката му е број еден, нема фази во тоа.

– Уште на три години пресметуваше броеви, синуси, квадратни корени, и на трицифрени броеви, без никакво помагало. Во Македонија нема институција каде што би го пратиле, па земавме приватно професор по математика. Сака некој да го насочи, да му даде предизвик. Сега е второ одделение, а решава задачи за втора средно. Професорот што работи со него ни вели: Јас магистри сум спремал, ама ова немам видено. Работи со него за да го држи во кондиција – вели Владимир.

Талентите на Македон имаат широк дијапазон. Математика, јазици, вселена, географија…

-Географија и математика ме прават најсреќен. Географија поради тоа што е најинтересно, а математика поради бројките, зашто многу ги сакам – вели Македон.

Најмногу време сака да поминува со деца, вели дека обожава друштво и има многу другарчиња.

-Многу сакам да возам и тротинет. Имам и симпатија, собрав храброст и веќе и кажав, таа малку се срамеше – ни се довери Македон.

Тој многу ја сака и музиката.

– Имаме дома еден синтизајзер. И само слушам еден ден некој свири горе. Си реков некоја демо-снимка и одам и го гледам Македон свири, и тоа Бетовен. Ми вика: Ја имам чуено еднаш на Интернет. Јас и мајка му гледаме и се чудиме – вели Владимир.

Македон е второ одделение во основното училиште „Лирија“ во Тетово. И покрај интелектуалните предизвици, Македон најмногу сака да ја дели играта со други деца.

фото: Приватна архива

– Многу сака деца. Кога се дружи, тогаш само заборава и на математика и на географија. Тоа ни е многу важно, зашто таквите деца знаат често да се затворат, ама тоа не е случај со Македон. Дома е малку чудно зашто не сака да си игра со играчки. Екстремно е скромен, па и во продавница кога ќе му речам да одбере што да му купам, ми вели: Не троши пари, имам играчки. Кога го прашавме што сака да му донесе Дедо Мраз, ни рече: 100 празни листа и фломастери. Дома инсистираме да не седи на таблет или лаптоп. Ако го оставиме, ќе сака да седи со саати. Ама не гледа цртани филмови, туку гледа, на пример, како се развива галаксијата – раскажува таткото.

фото: Приватна архива

Мајката Тина и таткото Владимир секој ден се соочуваат со ново изненадување. Македон со својата генијалност некогаш знае да ги стави и во „тесно“, ама тие со радост го восприемаат секој новитет кај своето дете.

Нашиот образовен систем не е прилагоден за талентирани и надарени деца и во пракса не води посебна грижа за нив.

– Доста ни е забавно и интересно. Не ни е чудно веќе ништо. Некогаш за домашата задача ни вели: Ова е шега. Кога ни кажа учителката дека не крева рака на училиште и го прашавме зошто, ни одговори: Па треба и другите деца да се види дека знаат. Кога ќе го прашаме како поминал на училиште, ако имало некое немирно дете, ни вели: Тој со многу високи децибили зборува. Такви одговори добиваме од Македон кога разговараме. Колку што е тешко да имаш дете со потешкотии во развојот, толку е тешко да имаш и дете што отскокнува. Многу работи не проаѓаат кај него, мора многу да разговараш. А, не дај боже, нешто да не знаеш – вели таткото.

Генијалноста на Македон нема граници. Постојана жед за да го истражува светот и она што е надвор од светот. Светот може само да се поклони пред ваков ум.