Тој годинава ја освои титулата во Шпанија со Реал Мадрид, а претходно во Италија (со Милан), Англија (Челси), Франција (ПСЖ) и во Германија (Баерн)

ФУДБАЛ

Италијанецот Карло Анчелоти (62) изјави дека е горд откако испиша историја, станувајќи првиот тренер што ја освоил шампионската титула во секоја од петте најсилни европски лиги. Последна во низата беше годинашната титула освоена со Реал Мадрид во шпанската Ла лига, по победата над Еспањол (4-0), 35-та во клупската историја, најмногу од сите шпански клубови.
– Многу емоции. Морам да им се заблагодарам на играчите за нивниот труд и за нивниот однос. Сезоната беше спектакуларна. Многу конзистентност – изјави Анчелоти, кој е и најстариот тренер што ја освоил Ла лига, на возраст од 62 години и 325 дена.
Тој освои титула во Серија А во Италија, со Милан во 2004 година, една година откако го предводеше италијанскиот гигант до триумф во Лигата на шампионите (ЛШ). Потоа во Премиер-лигата во Англија ја освои титулата со Челси во 2010 година, шампионската круна во француската Лига 1 со ПСЖ во 2013 година и во германската Бундес-лига со Баерн во 2017 година. Анчелоти е еден од тројцата тренери со рекордни по три титули европски првак (покрај Боб Пејсли и Зинедин Зидан). Во претходниот мандат во Реал Мадрид тој ја освои јубилејната 10-та титула првак на Европа, за него трета, а вкупно има 22 трофеи во кариерата.
Шанса да му се придружат со трофеи во петте најсилни првенства имаат неколку активни тренери. Пеп Гвардиола досега освои вкупно девет големи титули, по три во Премиер-лигата, со Манчестер сити, во Ла лига со Барселона и во Бундес-лигата со Баерн. Жозе Мурињо има шест трофеи, три во Премиер-лигата со Челси, две во Серија А, со Интер и една во Ла лига со Реал Мадрид. И Масимилијано Алегри има шест титули, сите во Серија А, со Јувентус и со Милан. Антонио Конте има пет домашни трофеи, четири во Серија А, со Јувентус и со Интер и една во Премиер-лигата, со Челси. Роберто Манчини има четири титули, од кои три во Серија А, со Интер и една во Премиер-лигата со Манчестер сити. Јирген Клоп има три титули, две во Бундес-лигата, со Борусија Дортмунд и една во Премиер-лигата, со Ливерпул.


СИТЕ ДОМАШНИ ТИТУЛИ НА АНЧЕЛОТИ

ЗЕМЈА КЛУБ ГОД.
Италија Милан 2004
Англија Челси 2010
Франција ПСЖ 2013
Германија Баерн 2017
Шпанија Реал Мадрид 2022