Неколкумина млади стрип-автори од Македонија со сопствени стрип-дела учествуваа на 13-от стрип-фестивал во Краков, Полска. Ангела Петрушевска, Методија Стојановски, Матеа Аризановска, Славица Купенкова, Ѓоре Ѓелев, Војдан Андонов и Цанко Стефанов ги изложија своите дела во Краков како резултат на веќе воспоставената меѓународна соработка. Фестивалот се одржува од 22 до 24 март. Томе Трајков од Македонскиот стрип-центар од Велес вели дека оваа изложба и каталог се продукт на соработката почната во август 2023 и гостувањето на стрип-уметници од земјите на вишеградската група на стрип-колонијата во Велес.
Стрип-фестивалот во Краков е најголемиот годишен состанок на љубителите на стрипови, илустрации, анимации и други форми на визуелно раскажување приказни во јужна Полска. Програмата на секое издание вклучува атракции за сите возрасни групи: средби со автори, панели за дискусија, предавања, работилници, косплеј-шоуа и изложби. Јадрото на програмата се состои од средби со уметници од Полска, Чешка, Франција, Германија, Велика Британија и од Аргентина. Организатори се: Здружението на стриповите во Краков, Фондацијата „Музеј на стрипови“ и Канцеларијата на фестивалот во Краков – оператор на програмата Град на литературата на УНЕСКО во Краков и палатата „Потоцки“.
Трајков вели дека иднината на македонскиот стрип не завршува со споменатите автори, туку е многу помногубројна категорија. Стрип-центарот од Велес континуирано организира едукативни активности и меѓународни промоции. Такви настани се планирани и за 2024 година.