Фото: Пиксабеј

Загадувањето на воздухот во Македонија е меѓу највисоките во Европа, отпадот не се рециклира, се влошува квалитетот на водите, има прекумерна сеча на шумите, биодиверзитетот е загрозен од истребување…

Македонија е загрозена од различни загадувачи. Загадувањето на воздухот е меѓу највисоките во Европа, големото количество на отпад не се рециклира, се влошува квалитетот на водите, има прекумерна сеча на шумите, биодиверзитетот е загрозен од истребување, а климатските промени влијаат на производството на храна. Во ваквата растечка еколошка криза, јавните институции, бизнисите, граѓанските организации, медиумите и академскиот сектор треба сè повеќе да преземаат одговорност за своите постапки и да комуницираат за животната средина. На тој начин ќе се издигнат свеста и разбирањето за сложените еколошки прашања, што, пак, ќе ја зајакне улогата на граѓаните и организациите во зачувувањето на животната средина…
Ова се некои од заклучоците на конференцијата „Како да комуницираме за животната средина во растечката еколошка криза: практични искуства и нови перспективи“, која ја организираше Институтот за комуникациски студии.
Дејан Андонов, програмски координатор во ИКС, изјави дека ефективната комуникација може да помогне во застапувањето за политики, промената на однесувањето кај луѓето, решавањето на конфликтите и донесувањето на законите во областа на животната средина.
– Комуникацијата за животната средина опфаќа многу нешта – известување за поплави или за пластичен отпад во локалните речни корита, граѓански ангажман и активизам против нова електроцентрала или рударење, вклучување на јавноста во носењето на одлуките за животната средина, преземање одговорност за заштита на животната средина од страна на компаниите, политичката реторика и комуницирањето на научните сознанија. Вклученоста на граѓаните во управувањето и заштитата на природните ресурси во голема мера зависи од нивното ниво на свесност за еколошките прашања – изјави Андонов.
Претседателот на Меѓународната асоцијација за комуникација за животна средина, Стив Депо, вели дека малку е застапена реториката за животната средина заснована на научно толкување и значење.
– Комуникацијата за животната средина се појавува како академска дисциплина за решавање кризи и преземање дејства. Таа секогаш била перципирана како реакција на итните проблеми, зашто сите што ја проучувале комуникацијата се вклучиле и во застапување на прашања поврзани со животната средина во својата локална заедница или пошироко – рече Депо од Меѓународната асоцијација за комуникација за животна средина.
Диме Меловски од Македонското еколошко друштво го пренесе искуството со афирмирањето на заштитата на балканскиот рис.
– Од пред 18 години е започната најдолгорочната програма за закрепнување на балканскиот рис. Податоците што ги добиваме со заловување на рисовите ни помагаат во изработка на акциските и конзерваторските планови за заштита на рисот, а следната етапа ќе биде насочена кон засилување на генетиката на рисот – изјави Меловски.
Моментално има меѓу 35 и 40 возрасни единки на балканскиот рис, но за нивна заштита е потребно да се направи многу повеќе.
Конференцијата се реализираше во рамките на проектот „Популаризација на комуникацијата за животната средина преку онлајн учење и виртуелна мобилност“, кој го спроведува Институтот за комуникациски студии во партнерство со универзитетите во Нови Сад, Загреб, Сараево и во Тирана. Проектот е финансиран од програмата ЕРАЗМУС+ преку Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.