Фото: Министерство за одбрана на Хрватска

ВО ТЕК Е БАЛКАНСКА ТРКА ВО ВООРУЖУВАЊЕ

Фото: Министерство за одбрана на Србија

Француските модерни ловци „рафали“ веќе летаат над Хрватска, за нив е потрошено над една милијарда евра, додека Србија најави дека ќе купи исти авиони, но нови – за 3,2 милијарди евра. На полето на одбраната не се актуелни само споменатите зделки, има и други, во различните воени родови во Хрватска и во Србија. Сето тоа многу „мириса на балканска трка во вооружување“

Со пристигнувањето на првите шест млазни борбени ловци „рафали“ на аеродромот во Плесо, се отвори нова фаза на развој, не само за хрватските воздухопловни сили туку и за хрватските вооружени сили.

Според хрватскиот портал „Индекс“, „конечно, беше постигнат решавачки напредок во опремувањето на хрватската армија со борбени системи на НАТО“. Порталот потсетува дека не е првпат Хрватска да купува западни борбени системи. Поранешниот министер за одбрана Котромановиќ купи самоодни хаубици „панцир“ во 2000 година. Но 12 хаубици, колку и да се добри, не се доволни да ги задоволат потребите на хрватската армија. Едвај има доволно за да ги задоволат потребите на операциите во НАТО.
Во 2007 година Хрватска склучи договор да купи дури 126 борбени возила „патриа“. Откако МО не успеа да го убеди НАТО дека „патриа“ е задоволително решение за опремување на средната пешадиска бригада, мораше да се најде друго решение. А за тоа беа користени „бредли“. Конфликтот меѓу Русија и Украина ги наруши не само плановите за испорака туку и квалитетот на испорачаните возила.

Имајќи предвид дека сè што можеше да се вози отиде во Украина, сите досега испорачани „бредли“ мораа прво да се подложат на генерален ремонт во фабриката „Ѓуро Ѓаковиќ“, па дури потоа да ѝ бидат испорачани на хрватската армија. Во исто време, вооружените сили на Република Хрватска не знаат што да прават со вишокот „патриа“. Иако многу добро би можеле да се користат како самоодни минофрлачи или противвоздушни системи, за тоа треба да се издвојат дополнителни средства.
Не се испочитувани, а камоли реализирани сите среднорочни развојни планови на вооружените сили на Република Хрватска што се донесени досега. Можеби новите безбедносни односи во Европа ќе донесат суштински поинаков пристап кон развојот на хрватските вооружени сили, пишува хрватскиот портал „Индекс“.

Производителот на авионите „рафал“, компанијата „Дасо“, е преплавен со
нарачки

Набавката на напредните француски ловци „рафал“ ја отвора и темата за трката во вооружување на Балканот, во која со своите набавки и модернизирање на армијата учествува и Србија. Нејзиниот претседател Александар Вучиќ неодамна беше во Париз и, според француските медиуми, со францускиот претседател Емануел Макрон договорил купување 12 млазни борбени авиони „рафал“.

Порталот „Индекс“ во својот осврт забележува дека претседателот на Србија, Вучиќ, никогаш не реагира кога другите соседни земји добиваат нови борбени системи, но е малку повеќе сензиитвен на набавките на оружје од страна на Хрватска, па неговите ангажмани за купување оружје некако кореспондираат и се совпаѓаат со хрватските.
Имено, кога хрватските воздухопловни сили примија американска донација од извидувачко-борбени хеликоптери ОХ-58Д „киова вориор“, Србија одговори со купување јуришни хеликоптери „Ми-35П“.

Забележливо е што Белград го зајакна противвоздушниот систем – од Русија го купи мобилниот артилериско-ракетен систем со краток дострел „панцир-С1“, а од Кина ракетниот систем со среден дострел „ФК-3 ПЗО“. Хрватска, пак, набави лесен противвоздушен ракетен систем „мистрал“, кој дојде во пакет со „рафал“ од Франција, но со оглед на неговите борбени способности, тој е посимболичен, особено во споредба со „ФК-3“ и со „панцир“. Затоа, не е чудно што најавата за хрватското купување на „рафал“ веќе предизвика мотивација во Белград, за набавка на супермодерните француски ловци „рафал“. Уште во април 2022 година Вучиќ изјави за новинската агенција „Ројтерс“ дека ќе купи 12 нови и 12 користени „рафали“, не од Франција, туку од друга неименувана земја. Веднаш се наметна прашањето кој ќе му продава половни. Производителот на тие авиони, „Дасо“, во 2022 година за 12 авиони бараше 2,5 милијарди евра, а сега таа сума достигна 3,2 милијарди. Според Белград, договорот е во финална фаза и би бил завршен со сите детали во јуни.

„Дасо“ е преплавен со нарачки. Во следните осум години мора да испорача дури 174 „рафали“ (42 во Франција, 42 во Индонезија, 80 во ОАЕ, 10+30 во Египет). И Грција чека да заврши испораката на четири „рафали“ нарачани уште во 2009 година и уште шест нарачани во 2022 година.

Проблемот е што капацитетот на „Дасо“ е премал и успева да комплетира помеѓу 10 и 15 „рафали“ годишно. Па, така, ако Србија ги нарача „рафалите“ сега, во најдобар случај може да го очекува првиот по 11 години, а во најлош по 15 или повеќе години. Во меѓувреме, Србија ќе се потпира на своите „МиГ-29“.


Оружје многу, „жива сила“ сѐ помалку

Сѐ повеќе е актуелна идејата за враќање на воената регрутација и обврската за служење воен рок

По повеќе од три децении општо разоружување, европските политички лидери одеднаш сфатија дека сè уште им требаат копнени сили, поттикнати од размислувањата за украинско-рускиот воен судир. Во оваа атмосфера на воена психоза, сега се купуваат и тенкови. Полјаците купија американски „абрамс“, кој покажа многу слабости во Украина и веќе е повлечен од фронтовските линии, и јужнокорејски „К2 блек пантер“ (дури купија и лиценца за нивно производство). Германија и Италија веќе ги нарачаа најновите „леопард 2А8“. Тоа наскоро ќе го сторат Чешка и Литванија. Германија, Италија, Шпанија и Шведска најавија заеднички развој на нов тенк бидејќи веќе не можат да чекаат да биде лансиран проектот на француско-германскиот систем за главна копнена борба.

Србија имаше намера да го реши проблемот со застареноста на тенковите со нивен увоз од Русија, што дефинитивно не беше опција. Хрватската одбрана никогаш не спомена никаков план за замена на одамна застарениот „М-84“ со тенк од западно производство. Не би купиле ни „бредли“ ако НАТО не ги присили.

И покрај сето тоа, убедливо најголемиот проблем и на вооружените сили на Република Хрватска и на армијата на Србија е недостигот од жива сила. Во најдобар случај, хрватската армија тешко може да стави под оружје 20.000 луѓе. Србија би можела да собере околу 50.000.

По повод Денот на српската војска, 23 април, началникот на Генералштабот на вооружените сили, генерал Милан Мојсиловиќ, даде големо интервју за дневниот весник „Политика“, каде што најави скорешно враќање на обврската за служење воен рок.

Х.И.