За неколку дена, на 30 и 31 март, во хотелот „Александар палас“, од 10 до 19 часот, ќе се одржи второто издание на најголемиот детски саем во земјава, наменет за децата и за целото семејство. Оваа детска манифестација, која годинава ќе се одржи по вторпат, е препознатлива по задоволните и весели лица кај децата и родителите. Организаторите го осмислија годинашното издание со квалитетна програма и услуги.
Популарниот детски саем „Кид експо“ ќе се одржи во трите сали на хотелот „Александар палас“ и ќе понуди разновидни содржини: децата ќе се забавуваат пред големата сцена, ќе учествуваат во креативни и спортски работилници во ринговите, а за возрасните ќе има цела сала со продажни и промотивни изложувачи, кои на своите штандови ќе претстават најразновиден асортиман за деца. Организаторите ветуваат непрекината забава, дружба, радост и смеа покрај сите мерки за безбедност на децата и сите посетители.
Ќе има богата и разновидна програма, во која е опфатена интерактивна содржина за деца од најрана до 14-годишна возраст. Покрај другото, ќе има и едукативни предавања за возрасните: за превенција од врсничко насилство, за здрава исхрана, педијатрија и справување со ривалството помеѓу браќа и сестри. Дечињата ќе следат сценска програма со музички, комични и магионичарски шоуа, кинопроекции и екоквиз. Покрај спортските и креативните работилници, исто така и изложувачите ќе приредат посебни детски катчиња, кои ќе бидат изненадување до самиот почеток на саемот.
Годинава организаторите „Бејбишоп.мк“ и „Ботега евенти“ ќе воведат новитет на саемот со најавата на концертот „Бенд џем“, на кој ќе настапуваат училишни бендови, што ќе претставува вистинска музичка атракција за македонската тинејџерска публика. Концертот ќе се одржи в сабота, од 20.30 часот.
– Имајќи го предвид фактот дека денес децата живеат во ера на преголема технолошка развиеност, во која сè помалку е присутна реалната комуникација, наспроти виртуелната, „Кид експо“ овој викенд ќе им понуди на најмладите два дена незаборавно семејно дружење – велат организаторите.