Фото: „Нова Македонија“

Репрезентацијата, предводена од новиот селектор Хари Наковски, се подготвува во Струмица, а во пресрет на квалификациите за ЕП 2026, кои почнуваат во август годинава (прво на гости со Грузија, а потоа дома со Грција). Македонија прво ќе настапи месецов во Европската златна лига (дуели со Естонија, Чешка, Азербејџан, Белгија, Хрватска и со Шпанија)

Одбојкарската репрезентација на Македонија ги почнаа подготовките за четврти пласман во низа на европските првенства, за квалификациите за изданието во 2026 година. На претходниот континентален шампионат Македонија го оствари најголемиот успех, со пласманот во осминафиналето.
Репрезентацијата, предводена од новиот селектор Хари Наковски, се подготвува во Струмица, а во пресрет на квалификациите, кои почнуваат во август годинава (прво на гости со Грузија, а потоа дома со Грција), Македонија прво ќе настапи во Европската златна лига. Од стандардните репрезентативци, Александар Љафтов нема да биде со репрезентацијата за првиот дел, односно ќе се приклучи во средината на јули, кога ќе почнат тренинзите за квалификациите за пласман на Европското првенство, информира Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).

Во Европска златна лига Македонија ќе игра со Естонија на 17 мај и со Чешка два дена подоцна, на турнирот во Струмица, потоа на турнирот во Белгија ќе се сретне со Азербејџан на 25 мај и следниот ден со Белгија, а на третиот турнир во Хрватска ќе игра со домашната селекција на 31 мај и со Шпанија на 1 јуни.

Состав на македонската одбојкарска репрезентација: техничари: Ѓорѓи Ѓорѓиев (Бурса, Турција), Давид Стојанов (Фужинар, Словенија). Коректори: Никола Ѓорѓиев (АЦХ Љубљана, Словенија), Стојче Арсов (Работнички 71&22), Кристијан Илиев (Струмица 47&72). Примачи: Владо Милев (Струмица 47&72), Лука Костиќ (Рибница, Србија), Стојан Илиев (Анагенисис, Кипар), Тоше Ефремов (Весна Пробиштип). Средни блокери: Филип Маџунков (Хасроде, Белгија), Филип Савовски (Војводина, Србија), Филип Лепидовски (Таково, Србија), Михајло Мирасчиев (Штип УГД). Либера: Дарко Ангеловски (Работнички 71&22), Костадин Ричлиев (Штип УГД). Н.М.