Во Џифони Вале Пјана во Италија се одржува 53-то издание на „Џифони“, најголемиот филмски фестивал за деца во светот. Меѓу 6.500 учесници од триесетина земји, Македонија повторно е застапена со најмногубројна делегација: десет претставници на возраст од 14 до 19 години, избрани меѓу најактивните учесници на последното издание на филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“. Калина, Бисера, Максим, Јован, Бојана, Чејс, Дамјан, Летиција, Лина и Тео овие десет дена се дел од големото меѓународно жири, кое гледа најнови филмови од светската филмска продукција за деца и млади и ќе ги избере најдобрите остварувања за оваа година.
Освен филмовите, за младите учесници се организирани и голем број други активности, средби со режисери, продуценти и глумци, како и богата музичка програма.
Филмскиот фестивал „Џифони“ се одржува секоја година во јули, како централна манифестација со која се крунисуваат многубројните активности на големото семејство Џифони што се организираат во текот на целата година низ светот. Со своето единаесетто издание, кое ќе се одржи во октомври годинава, „Џифони Македонија“, како горд член на семејството „Џифони“ и единствен фестивал надвор од Италија што го носи тоа име, повторно ќе приреди единствено филмско доживување за околу 600 учесници од Македонија и од странство.