Европа е под напад на топлотен бран. Во Шпанија и Италија се измерени рекордни температури. Екстремните временски услови предизвикаа смрт на 44-годишен маж, кој колабирал додека фотографирал зебра во Милано на 40 степени Целзиусови.
Малкумина разбираат како топлината влијае на телото. Едноставно кажано, човечкото тело тешко поднесува температури над 40 степени Целзиусови. Според британската национална здравствена служба, нашите тела се трудат да одржуваат внатрешна температура од околу 37 степени Целзиусови, без разлика дали сме на снег или на топлина. Меѓутоа, кога надворешните температури го надминуваат тоа идеално ниво, на телото може да му стане тешко да го запре зголемувањето на внатрешната температура.

Докторот Азман Чудхури на Тикток објасни точно како телото се обидува да се олади и што се случува кога нема да успее.
– Кога телото станува потопло, хипоталамусот му кажува како да реагира. Тоа им кажува на крвните садови да се отворат за да ја испуштат топлината надвор. Но, притоа, крвниот притисок опаѓа, па срцето е принудено да работи понапорно за да пумпа крв низ телото. Ова може да доведе до вртоглавица, несвестица или паѓање ако намалувањето на крвниот притисок предизвикано од топлина се случи премногу брзо – објаснува тој.

Друг начин на ладење на телото е преку потење.
– Но прекумерното потење доведува до губење течности и сол, менувајќи ја деликатната рамнотежа во телото што може да ги оштети бубрезите – додава тој.
И ако двете од овие функции не успеат може да дојде до фатален топлотен удар. Состојбата може да влијае на секого, но оние што се изложени на најголем ризик се лицата над 75 години, бебињата и лицата со долготрајни и сериозни болести.
Екстремни симптоми што се знак за загриженост се: конфузија, губење на свеста, напад, температура над 40 степени Целзиусови, како и брзо или неправилно дишење.
Доколку почувствувате некој од горенаведените симптоми или ги забележите кај луѓето околу вас, веднаш повикајте брза помош. Ако не се лекува, топлотниот удар може брзо да ги оштети мозокот, срцето, бубрезите и мускулите што доведува до смрт.