Публиката ќе може да види различни рекреации на култни филмски костими што ќе опфатат различни формати и визуализации од „живи слики“, видеа и графички постери до импровизациски настапи на глумци и оживување на познати сцени од филмовите

Се подготвува необична изложба

Изложба на култни костими од легендарни филмови најавуваат од Младинскиот културен центар за 8 јули, во 20 часот, во рамките на годинашното издание на фестивалот не европски филм „Синедејс“. Изложбата е насловена „Лоши девојки на филм – филмска костимографија за субверзивните женски ликови од 1960-тите до 2000-тите години“.
– Малку филмови во историјата се запаметени по култните субверзивни главни женски ликови, а уште помалку по тоа колку нивните костими биле важни во создавањето и паметењето на ликот. Субверзивните „лоши“ девојки од филмската историја, поточно од 1960-тите години наваму, се во фокусот на настанот со наслов „Лошите девојки од филмовите“, а особено се еден од главните интереси на авторката на настанот, Сандра Шевандо – велат од МКЦ.
Контроверзните ликови како Бони Паркер, Петра фон Кант и Северин од филмските автори Артур Пен, Фасбиндер и Буњуел ќе останат запаметени по нивната костимографска визуализација, која има силно влијание во секојдневната мода, не само во периодот во кој филмот излегол туку и децении потоа. Она што ги поврзува избраните ликови се нивната неконвенционалност, контроверзноста и противењето на наметнатите општествени норми.

– Публиката ќе може да види различни рекреации на култни филмски костими, кои ќе опфатат различни формати и визуализации од „живи слики“, видеа и графички постери до импровизациски настапи на глумци и оживување на познати сцени од филмовите, на сцени специјално поставени низ просториите на Младинскиот културен центар во Скопје – велат организаторите.
Авторка на проектот е Сандра Шевандо, а куратор е Драган Христов. Продуцент е Емилија Чочкова/МКЦ.
Сандра Шевандо е стилистка на старинска облека и колекционерка на старинска мода. Живее и работи во Берлин, Германија, а оваа ретка професија ја пронаоѓа по искуството со уличната уметност и перформансите во Италија и низ Европа, каде што создавањето ликови главно преку старинска облека ја доближува до голем број истражувања во историјата на костимографијата во филмот и ТВ.
Драган Христов е дизајнер и сопственик на модниот бренд „Лудус“, еден од ретките што прават пробив на интернационалниот пазар преку учества на саеми, шоуруми и изложби во галерии и музеи во Словенија, Австрија, Германија, Чешка, Холандија, Италија итн. Добитник е на неколку награди за работата на „Лудус“ во Словенија и во Австрија.