Делата на ликовниот уметник Башким Меџети од Гостивар од денеска за првпат ќе бидат изложени во Кавадарци, во рамките на манифестацијата „Кавадаречко културно лето“. Отворањето на изложбата е предвидено за 20 часот, во галеријата на домот на културата „Иван Мазев Климе“.
Башким Меџети дипломирал на Факултетот за ликовна уметност во Приштина, отсек сликарство, во класата на проф. Тахир Емрес, а во 1998 година на истиот факултет успешно ги завршил постдипломските студии. Значајно да се каже за Меџети е тоа што е еден од основачите на Факултетот за уметност при Универзитетот во Тетово. Од 1994 година е ангажиран како образовен кадар на Факултетот за уметности и студиска програма – ликовна уметност на Тетовскиот универзитет, каде што до денес продолжува да го дава својот придонес како редовен професор по вечерен акт. Меџети е еден од иницијаторите за формирање на друштвото на ликовни уметници „Драудакум“ во Гостивар и негов претседател во периодот од 1999 до 2004 година. Учесник е на многу колективни, групни изложби, ликовни работилници и добитник е на повеќе награди и признанија од областа на сликарството и скулптурата. Своите дела Башким Меџети ги има изложено во Берлин, Париз, дури трипати во Њујорк, Софија, Косово, а во Македонија најмногу во родното Гостивар, потоа во Скопје, Тетово и во Куманово и последната во Кавадарци. Ми.М.