На 3 јуни се навршуваат сто години од смртта на Франц Кафка (1883-1924), еден од најмаркантните книжевни автори во светот, чија слава не бледнее, туку, напротив, уште повеќе сјае и предизвикува голем интерес. А светот годинава со големи почести ја одбележува стогодишнината на знаменитиот чешки писател од светски формат.
Издаваштвото „Везилка 2011“ се придружува кон одбележувањето на овој датум со уште една книга од Ристо Лазаров, автор на книгата „Главата на Кафка“, објавена во 2018 година. Како што вели писателот Милован Стефановски во поговорот на книгата „Кафка“, ова е уште едно видување на животот и делото на знаменитиот писател. Книгата, како што пишува Стефановски, е уште еден обид на Лазаров со неговата препознатлива умешност на лапидарен начин да заокружи и да обликува интересна, поточно „леплива“ тема, која со сигурност ќе им го привлече вниманието на сите што имаат слух и интерес за ваков вид четива. Македонскиот читател се среќава со возбудлива документаристичка проза инспирирана од ликот и делото на Франц Кафка.
Милован Стефановски заклучува дека додека се чита ваквиот вид проза, на ревносниот читател му се создава прекрасна можност постојано да си го замислува амбиентот во кој авторот ги опишува исечоците од животот на Кафка, а паралелно и самиот да го замислува „замислениот свет“ на исклучителниот прашки Евреин, заедно сосе неговите книжевни ликови. Таков ефект врз читателот може да предизвика само проза со високи естетски дострели.