ГОРАЗД ЧАПОВСКИ – „МИЗАР“

„Градот е нем“, „Ходен же“, „Златно сонце“, „1762“, „Амфилохиј“, „Дождот“, „Глас“, „Почесна стрелба“, „Константинопол“… се само некои од песните предвидени за концертот „Гласови“ на „Мизар“, предводен од Горазд Чаповски и хорот „Хармосини“, со неколкумина музичари од новата генерација македонски творци, кој ќе се одржи на 12 мај во Македонската филхармонија. „Мизар“ со целата своја силина и пројавност несомнено е еден од темелниците на современата македонска музика, култура и национален идентитет. „Ѕвездата на надежта“ или бендот чија енергија, поетика и истрајност во изминативе нешто повеќе од четири децении израснаа врз визијата, храброста, енергијата и талентот на творци како Горазд Чаповски, Горан Таневски, Илија Стојановски, Ристо Вртев, Панта Џамбазовски, Слободан Стојков, Жарко Серафимовски, Владимир Каевски, Горан Трајкоски, Зоран Спасовски, Катерина Вељановска… и натаму останува на браникот за своја музика. За оригиналност. И со таквите настојби во времево на сенекакво посегање по нашата самобитност, „Мизар“ и неговата досегашна оставина и најмногу неговата мисија само добиваат на значение во потребата да си останеме свои на своето.
Единствениот што остана од оригиналната постава, Горазд Чаповски, сѐ уште е здрав и жив, полн енергија и инает, расположен да се бори со музиките и стиховите во себе за да ја испишува и натаму приказната за еден од најзначајните и не само музички или (суп)културни феномени во историјата на македонската музика. А, тоа може да се смета само за непоматена радост.

Концертот во Филхармонијата ќе биде современ прочит на музиката на првите откровенија на бендот. Од каде идејата, па ако сакате и потребата, за една ваква соработка?
– Приказната започна да се испишува уште на крајот на минатата година. Иницијалната каписла беше на Зоран Митровиќ од „ЧувДеЧув“ и еден од луѓето што стојат зад музичкото радио и интернет-сајтот СамоМК.МК. Како музичар секогаш сум бил отворен за нови идеи и соработки што ги сметам за додадена вредност на мојот творечки опус. Почнувајќи оттогаш, започнавме полека но сигурно да работиме и да го финализираме проектот. Во него, на наша голема радост, се вклучени дузина други прекрасни музичари и не се сомневам дека ова ќе биде убава можност да се чуе „Мизар“ во една друга, но многу интересна поставка. Да се почувствува една сосема поинаква енергија.
Колку Вам, како еден од основоположниците и единствениот што остана исправен пред сите налети врз дејствувањето на „Мизар“, Ви значи ваквиот плодотворен интерес на младите творци за Вашата музика?
– Убаво е она што си го создавал низ времето да биде во фокусот на младите творци што со своето дејствување биле и се авангарда на секое општество. Нивна задача, но и обврска, е да ги поместуваат границите.

Да ги уриваат бариерите и стереотипите. Да ја вратат во живот македонската култура што одамна е во претсмртна агонија. Само чистата и некомпромисна уметност е единствениот излез од ова мракобесие, кое, за жал, одамна го живееме.
Круна на Вашиот неколкумесечен творечки ангажман ќе биде концертот во Филхармонијата, но си оставивте ли простор проектот „Гласови“ и натаму да живее и да пулсира?
– Секако. И премногу енергии и емоции вложивме во него за сега едноставно да му свртиме грб и да го оставиме на заборавот. Еве, сега, во пресрет на неговата премиерна изведба на 12 мај, ќе го кажам само ова – веќе се тркалаат убави желби и уште поубави планови, но за тоа потоа…
Своевремено, во 1990-тите, бендовите од тогашната македонска алтернативна сцена потпишаа еден албум на кој низ себе ја поминаа музиката на „Мизар“. Колку Ви значи таквиот интерес за „Мизар“?
– Трибјутот беше навистина една убава идеја пред сѐ затоа што тоа откровение на „Мизар“ го затворивме во 1992 година. Нешто потоа Икаљ (басистот Илија Стојановски н.з.) и јас го оформивме „Кисмет“, така што тој проект во кој тогашните македонски бендови посегнаа по музиката на бендот беше сосема логичен и легитимен потег на таа генерација растена на нашата идеја. На почетокот на 2000 година тапанарот Жарко Серафимовски и Горан Таневски излегоа со идеја да го продолжиме „Мизар“. И Ристо Вртев плус да пее. Ни на крај не ми беше да продолжам со „Мизар“. Се приклучи и Горан Трајкоски и во тој состав ја направивме и ја снимивме „Почесна стрелба“, продолжение на песната „Извор“ од „Кисмет“. Потоа, како што го дал Господ, Таневски се откажа од идејата, по него си замина и Вртев и остана само Трајкоски… и така се роди нашиот трет албум „Кобна убавина“.
Последниот албум на „Мизар“, „Вечна празнина“, беше работен со екипа на музичари од неколку генерации и објавен од словенечки „Далас рикордс“. Со оглед на тоа дека лично никогаш не Ви недостигале енергија и ентузијазам, како го планирате натамошното дејствување на бендот?
– „Мизар“ продолжува понатаму. Тоа право ни го даваат серијата настапи што ги имавме во големите градови од поранешна Југославија – Љубљана, Загреб и особено Белград. Веќе имаме договорено неколку настапи што треба да се одржат летово. Со отворен ум и чисто срце веќе работам и на нов материјал. Во пресрет на овој концерт во Филхармонијата со хорот „Хармосини“, го снимивме и првиот нов сингл и тој би требало да биде публикуван наскоро. Верувајте, ќе нѐ има со многу музика и нови емоции, гордости и енергии.
И, кога сме веќе кај изданијата, во текот на мај годинава мариборски „Хелидон“ планира да го објави првиот албум на „Мизар“, плочата што одамна има култен статус кај колекционерите на Балканот. Каков е денес Вашиот однос кон песните, енергијата, пораките и поетиката забележани на неа?
– На наше, особено на мое огромно задоволство словенечката издавачка етикета „Хелидон“ ќе го реиздаде веќе антологискиот прв албум на „Мизар“. Како автор, горд сум на фактот што нашиот првенец многумина го вбројуваат во 10-те најзначајни и најавангардни музички остварувања во некогашната заедничка држава. Впрочем, тоа е и плочата за која и ден-денес има толку голем интерес не само кај современиците што растеле со неа туку и кај младата публика, која со сите сили се труди да проникне и да ги осознае вистинските вредности од тоа време.
Може ли да се случи наскоро на винил да се најде и единствениот албум на „Кисмет“, а зошто да не и Вашите изданија работени при престојот во Австралија?
– Зошто да не! Кога вака зрело ќе се вратам назад и ќе посегнам по таа музика, гледам колку таа била над еден куп работи што денес се потпишуваат и со лагодност се исфрлаат на дискографскиот пазар. Затоа ми се чини дека треба убаво да се размисли и за еден таков чекор. Ќе видиме. Времето ќе покаже.
Секогаш сум се прашувал што е она што го тера напред Горазд Чаповски, па кое е Вашето животно и творечко мото?
– Радоста на создавањето е мојата суштинска движечка енергија. Се чувствувам благословено што можам да го правам она што го сакам и во што цврсто верувам. И затоа за себе мислам дека сум тврдоглав Егеец што никогаш не се откажува. До последниот здив!

Љупчо Јолевски