Електричната енергија во Македонија се произведува главно во термоенергетски објекти – термоелектрични централи, кои како примарни енергетски извори користат лигнит, мазут и природен гас. Но и хидроцентралите исто така зафаќаат важно место и како инсталиран капацитет и според производството на електрична енергија.
Паралелно со тоа  функционираат и електроцентрали што се базираат на обновливи извори на енергија, вклучувајќи ги енергијата на вода (мали хидроцентрали) и на ветер, сончевата енергија, биомасата и биогасот. Битно е дека трендот на производство на домашна енергија е во подем

Македонија и производството на енергија
од обновливи извори

Уделот на глобалната електрична енергија обезбедена од обновливите извори на енергија се зголеми на рекордни 30,25 отсто во 2023 година, бидејќи растот на ветерот и сончевата енергија продолжува далеку да го надминува оној на фосилните горива. Енергетскиот аналитички центар „Ембер“ верува дека трендот ќе се забрза во 2024 година, бидејќи растот во секторот за чиста енергија продолжува, додека оној на фосилните горива опаѓа.
Порастот на обновливите извори на енергија е делумно поттикнат од зголемувањето на бројот на соларни фарми што се градат, чии трошоци драстично опаѓаат благодарение на агресивното намалување на трошоците од страна на кинеските производители.
Индикаторите што ги дава Меѓународната агенција за енергија (IEA), како што вели Ристо Филкоски, професор на Институтот за термичко и енергетско инженерство при Машинскиот факултет, се најрелевантен извор од кој може да се види по ковид-кризата примената на повеќето ресурси (обновливи и необновливи, освен течните горива) за вкупно снабдување со енергија, како и за производство на електрична енергија бележи пораст.

– Дури и потрошувачката на јаглен во последниве три години повторно расте, поради значително зголемената побарувачка во повеќе големи азиски земји (Индија, Индонезија, Виетнам, Бангладеш и др.), кои постојано градат и нови исклучително високоефикасни блокови на јаглен со огромен капацитет. Патем, тоа се држави што бележат и високи стапки на пораст на економските активности и имаат растечки потреби за енергија. Порастот на учеството на инсталирани капацитети на сончева и ветерна енергија е несомнен, но нивното учество во производството, односно покривањето на енергетските потреби во целина сѐ уште е многу мало. Доколку во одредени временски периоди делот на обновливи извори на енергија (ОИЕ) во производството на електрична енергија достигнува околу 30 отсто, тоа најмногу се должи на хидроенергијата и на поволни метеоролошки услови – објаснува Филкоски.
Што се однесува на порастот на капацитетот на инсталирани енергетски постројки засновани врз обновливи извори на енергија, како што додава професорот, трендот и кај нас не е многу различен од генералниот тренд во многу земји во светот.
– Добро е познато дека електричната енергија во Македонија се произведува главно во термоенергетски објекти – термоелектрични централи, кои како примарни енергетски извори користат лигнит, мазут и природен гас. Хидроцентралите исто така зафаќаат важно место и како инсталиран капацитет и според производството на електрична енергија. Паралелно со тоа, функционираат и електроцентрали што се базираат на обновливи извори на енергија, вклучувајќи ги енергијата на вода (мали хидроцентрали) и на ветер, сончевата енергија, биомасата и биогасот – истакнува Филкоски.
Вкупниот инсталиран капацитет (електрична моќност) на електроцентралите во Македонија во 2022 година изнесувал 2266 MW со 45,63 отсто термоелектроцентрали, 31,73 отсто хидроелектроцентрали, 12,68 отсто комбинирани постројки за производство на електрична и топлинска енергија и сите преостанати со 9,99 отсто (фотонапонски или фотоволтаични централи 6,36 отсто, ветерни централи 3,21 отсто, биогасни централи 0,40 отсто).

– Веќе во 2023 година порастот на инсталирани фотонапонски централи води до нивно учество од 19,22 отсто, а пропорционално опаѓа учеството на другите постројки. Значи, во земјава заклучно со крајот на 2023 година има околу 506 MW инсталиран капацитет на фотонапонски постројки. Така, бројот на инсталирани фотонапонски постројки во 2022 година изнесувал 472 со вкупно инсталиран капацитет од околу 140 MW, додека веќе до крајот на 2023 година бројот нараснува до речиси 1.000 PV постројки. Притоа, многу добро е тоа што многу индустриски капацитети, комерцијални и субјекти од јавниот сектор си го најдоа својот интерес да инсталираат фотонапонски системи, некои само за сопствени потреби, а некои и поврзани на мрежата – појаснува Филкоски.

Меѓутоа, според него, едно е уделот на постројката како инсталиран капацитет со одредена излезна моќност, а сосема друго е колкаво е учеството на одделни постројки во производството на електрична енергија. Така, во 2022 година „класичните“ термоцентрали и понатаму доминираат во производството на електрична енергија со учество од 53,9 отсто. На второто место се хидроелектроцентралите со 24,8 отсто, додека комбинираните постројки за производство на електрична и топлинска енергија, кои, исто така, се термоцентрали, учествуваат приближно со 17,2 отсто од вкупното производство. Постројките засновани врз другите извори – сончева енергија, ветерна енергија, биогас во 2022 година учествуваат во произведеното со околу 4,18 отсто. Освен тоа, да не заборавиме, Македонија увезува електрична енергија во просечен износ од 20-30 отсто. Ситуацијата во 2023 година оди во насока на одреден пораст на учеството на постројките на обновливи извори на енергија: хидроцентрали 25,15 отсто, фотонапонски 4,55 отсто, ветерни 2,51 и постројки на биогас 0,95 отсто.
– Причините за диспропорцијата помеѓу учеството во инсталираниот капацитет и производството кај постројките на обновливи енергетски ресурси во однос на класичните и комбинираните термоенергетски постројки се должат на тоа што обновливите ресурси, поточно сончевата и ветерната енергија се карактеризираат со променливост, нестабилност и непредвидливост – укажува професорот.
Според него, може да се констатира дека учеството на обновлива енергија во делот на производство на електрична енергија во Македонија во актуелната состојба изнесува околу 30 отсто, но тука е доминантен делот на хидроцентралите. За очекување е дека и понатаму ќе има пораст на инсталираните капацитети засновани врз ОИЕ, иако веројатно трендот на изградба на нови капацитети нема да оди според таква нагорна линија како во претходниве години.
– Притоа, неколку фактори играат важна улога, како што се цените на самите постројки и инсталации, но и цената на електричната енергија, така што постепено и пазарните законитости ќе го направат своето. Во наредниот период, берзанската цена на електричната енергија веројатно барем уште одредено време ќе остане тешко предвидлива, но секако ќе има периоди кога таа ќе има вредност нула (големо производство, мала потрошувачка) – нагласува Филкоски.

Како што вели тој, постојат многу објекти за кои фотонапонските системи се навистина добро решение за намалување на сметките за електрична енергија. Пред сѐ, тоа се јавните институции, комерцијални, фабрички и други објекти за кои е карактеристично работење во дневни услови, но и кај многу други објекти би можеле да се искористат придобивките на сончевата енергија.
– Сепак, мора да се има предвид и она што го викаме базна енергија – којашто ни е потребна за континуирано функционирање на општеството (и дење и ноќе, кога е топло и кога е студено, кога е сончево, но и кога врне итн.), а и неопходноста од т.н. балансирање помеѓу побарувачката и производството на електрична енергија. Тоа е едно од потешките прашања кај енергетските системи, со оглед на тоа дека електричната енергија е висококвалитетна форма на енергија, но има еден голем недостаток – засега како што стојат работите, таа треба да се произведе или да се доведе од некаде тогаш кога ни е потребна, но и да се потроши тогаш кога се произведува. Проблемот на складирање на енергијата останува отворен, па иако има одредени решенија (пумпно-акумулациски хидроцентрали, батериски системи за мали капацитети итн.), сепак ова засега е голем и многу сериозен предизвик и ограничувачки фактор во енергетиката, кој сѐ повеќе ќе доаѓа до израз со зголеменото учество на постројки засновани врз обновливи извори на енергија во системот – објаснува професорот.

Тој укажува дека во Македонија е потребно да се работи паралелно во неколку насоки: изградба на нови комбинирани термоенергетски постројки на природен гас (за постепена замена на блоковите на јаглен и мазут), поврзување на гасоводниот систем со соседните, изградба на пумпно-акумулациска хидроцентрала, развој и модернизација на електропреносната и дистрибутивната мрежа за да се подготви за поголемо прифаќање на постројки на ОИЕ, подобро поврзување со електроенергетските системи со соседните земји (за да можат да си „помагаат“ во одредени ситуации на проблематична понуда и побарувачка!) итн.
– Во тој домен треба да се дефинираат соодветни модалитети и начини што ќе се преточат во регулатива и мерки за поддршка на системи со ОИЕ, но такви што ефектите и придобивките ќе ги почувствува најголемиот дел од населението, а не само повластени поединци. Во повеќе европски земји веќе се развиени концепти на енергетски задруги и други начини за учество на локални заедници, вклучувајќи и училишта, општински објекти и сл. во изградба и користење енергетски постројки, на пример фотоволтаични системи – истакнува Филкоски.

Според него, енергетската транзиција треба да се одвива со промислен и одмерен интензитет, водејќи се, на прво место, според интересите на населението на Македонија. Притоа, постројките засновани врз обновливи и поодржливи енергетски ресурси треба природно да си го заземат своето место во енергетскиот систем. Замената на старите термоенергетски блокови со нови комбинирани постројки на природен гас треба да се спроведе заради подобрување на ефикасноста, поедноставно управување и значително помалото локално и регионално влијание врз околината.