Текстот „Диво месо“ од Горан Стефановски беше напишан и изведен во далечната 1979 година. За својата драма „Диво месо“, Горан Стефановски ќе каже: „Кога ја пишував пиесата ‘Диво месо’, мислев дека таа се однесува на минатото. Сега гледам дека се однесувала на иднината“. Албанскиот театар од Скопје, по покана од македонскиот Културно-информативен центар во Тирана, ја изведе претставата „Диво месо“ од Горан Стефановски. Претставата е во режија на Мартин Кочовски.
– Духот од Горан Стефановски во неговиот текст, неговата модерност и актуелност на вистински начин го почувствува тиранската публика во театарот „АРТурбина“. Благодарение на маестралната игра на глумците од Албанскиот театар во Скопје, сцените се редеа како на филм. Публиката имаше впечаток како настаните од пиесата да се случиле денес во Тирана. Час и половина, публиката со големо внимание и во целосна тишина ги следеше секој збор од текстот и актерската игра на нашите глумци. На крајот, глумците беа наградени со огромен и долг аплауз. По претставата, екипата од Скопје, заедно со своите колеги од тиранските театри, беше во посета на македонскиот културно-информативен центар, каде што до доцна во ноќта се разговараше за претставата и текстот на Горан Стефановски – велат од Културно-информативниот центар во Тирана
Културно-информативниот центар денеска и на 12 мај продолжува со своите активности. На Тиранскиот џез-фестивал ќе настапат ПМГ „Џез сетстат“ и новоформираниот биг-бенд Национален џез-оркестар од Скопје.