Нашата виолинистка Пламенка Трајковска го објави синглот „Ода на радоста“, кој премиерно беше изведен по повод Денот на Европа – 9 Мај. Станува зор за класичен кросовер за гудачки инструменти и електронска музика на познатата тема од Деветтата симфонија од Лудвиг ван Бетовен. Композицијата е снимана во музичкото студио „Кларион“. Миксот и мастерингот ги направи тон-мајсторот Дејан Ангелевски.
Главен дигитален онлајн дистрибутер е „Це-де бејби“ од Портланд, Орегон, кој е една од трите партнери на „Епл мјузик“ и кој е дом на повеќе од 650.000 музичари и над девет милиони траки од секој дел на планетата. Композицијата „Ода на радоста“ е достапна преку сите онлајн музички мрежи. Видеото на спотот го снимаше Дејан Марковски во студио на почетокот на април, а фотосесијата ја направи фотографот Константин Калошев. Во спотот во гудачкиот квартет учествуваат и Сандра Крстевска на виолина, Милена Гиевска Андоновска на виола и Александра Јаневска на виолончело. Спотот беше прикажан премиерно вчера на јутјуб-каналот на Трајковска.
Пламенка Трајковска од почетокот на годината настапи на концертот во Истанбул со наслов „Жените од светот“, со својата композиција „Ламенто вело“, и беше дел од проектот „Мојот град, мојот глас“. Како композиторка, таа досега ги има издадено албумот во кросовер „Апасионато“, музичкиот албум за деца „Карневалот на животните“, синглот „Светулки“, композициите „Твојот допир“, „Феникс“, „Воздишка за тебе“ и многу други остварувања. Има реализирано голем број концерти во Македонија на најзначајните културни манифестации и концерти во Хрватска, Србија, Бугарија, Грција, Франција Танзанија и во Турција. Редовно работи во Филхармонијата и со организацијата „Пламенка Трајковска – мали камерни состави“. Малите камерни состави креираат музички програми со класична музика и кросовер со мултимедијални елементи и музичка технологија.