Фото: МКС /Илустрација

Израелскиот министер и член на воениот кабинет, Бени Ганц, денеска ја осуди одлуката на главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС), Карим Кан, да бара налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант, означувајќи ја како „злосторство од историски размери“.

-Позицијата на обвинителот да бара налози за апсење е само по себе злосторство од историски размери што генерациите ќе го паметат – рече Ганц, како што пренесуваат израелските медиуми.

Ганц рече дека израелската армија го почитува меѓународното право во својата борба во Газа и дека води „една од поправедните војни во модерната историја по масакрот од терористите на Хамас на 7 октомври“.

Кан рече дека верува оти Нетанјаху, Галант и тројцата лидери на Хамас, Јахја Синвар, Мухамед Деиф и Исмаил Ханије се одговорни за воените злосторства и злосторствата против човештвото во Појасот Газа и Израел.