Фото: Маја Јаневска-Илиева

Елегантни моторџии облечени во палто, елек и вратоврска денеска по деветти пат  продефилираа низ скопските улици како дел од глобалното движење „The Distinguished Gentleman’s Ride“, со цел да ја подигнат свеста за машкото здравје и превенцијата од рак на простатата.

На годинашниот настан имаше околу 170 учесници од државава како и од Косово, меѓу кои доктори, професори, личности од јавниот живот кои, како и секоја година, ќе донираат средства за фондацијата „Мовембер“ во Лондон за борба против рак на простатата.

„The Distinguished Gentleman’s Ride“ годинава се одржува во 959 градови низ светот. Учествуваат 90.000 мотоцикли од 105 држави.

Скопје е дел од ова движење од 2016 година. Досега учествувале 1.172 учесници, а собрани се 18.836 евра.

Глобалното движење почна на иницијатива на Марк Хава во 2012 година во Сиднеј кога тој заедно со своите пријатели продефилира низ улиците на градот во чест на неговиот пријател кој починал од рак на простатата. Оттогаш движењето станува помасовно секоја година. Од основањето на „The Distinguished Gentleman’s Ride“ досега собрани се 50,2 милиони долари на светско ниво кои се донираат во институции и болници кои се фокусирани на борбата за заштита на машкото здравје и борбата против рак на простатата.