Фото: Приватна архива

Во рамките на проектот „Цртај на македонски“ ликовната уметница м-р Славица Танеска утре во галеријата „Ко-Ра” – мал салон, во Домот на културата „Кочо Рацин“во центарот на Скопје, со почетокот во 20 часот, ќе ја отвори нејзината деветта самостојна изложба насоловена „Македонска мисла“.

Самиот проект, поддржан од Министерството за култура, го афирмира македонскиот јазик и кириличното писмо преку ликовната уметност и дизајнот. Вусшност станува збор за типографски дизајни во кој се вметнуваат и илустрации. Текстовите се македонски народни мудрости кои се аплицирани на парчиња облека, бидејќи како што ја носиме облеката на нас, така ги носиме и традицијата и македонските мисли во нас.

Во своите проекти м-р Славица Танеска во континуитет е посветена на афирмацијата на традицијата, а овој проект е поразличен во тоа што навлегува во сферата на применетата уметност и дизајнот.

„Во денешното време има многу парчиња на облека со написи на неа, но редок е случајот тоа да е со кирилично писмо и на македонски јазик. Преку овие дизајни ќе се добилижи македонскиот јазик до младите, тинејџерите и сите оние кои ги следат модните трендови, со тоа што ќе им се понуди нешто уникатно и ново од страна на дизајнот и презентацијата, а старо и изворно во суштина – народни мудрости. Во поставката на изложбата се вклучуваат и група на студенти од Факултетот за Арт и дизајн при Европскиот универзитет каде што м-р Славица Танеска е асистент по предметите од ликовна уметност и дизајн. На тој начин проектот има и едукативна вредност“, посочуваат организаторите на изложбата.

На оваа самостојна изложба на м-р Славица Танеска ќе бидат претставени 20-тина дела. А според изјавата на уметницата овој проект има повеќе цели едновремено: „пред се рециклирање на старата облека и облагородување со етно елементи со натписи на облеката со македонски народни пораки“.

Магистер Славица Танеска има дипломирано и магистрирано сликарство на ФЛУ при УКИМ како првенец на генерација. Во моментов работи како асистент на факултетот за Арт и дизајн при Европскиот универзитет. Учествувала на 55 групни изложби во земјава и странство. Автор е на книгата „Траги на времето – низ 100 селски брсјачки градби во Македонија“. Има објавено 60 епизоди на детскиот стрип „Марсо Марсоски“ во националниот весник „Нова Македонија“ чиј е повеќегодишен соработник. Застапена е во голем број на домашни и странски каталози. Досега, преку самостојните и гупните изложби,како и преку авторската книга и серијалот стрипови, има јавно презентирани повеќе од 500 дела. Учесник е на повеќе ликовни колонии и добитник на бројни награди, застапена е во монографии и научни списанија.