Досега невидени сценски визуелни ефекти во форма на 3Д-мапирање и уникатна програма ќе бидат премиерно прикажани на концертниот спектакл „Грув“ на македонскиот камерен оркестар „Профундис“, кој ќе се одржи на 21 април, на сцената на Националната опера и балет. На ова аудиовизуелно доживување како солист ќе настапи виртуозот на виолончело Драган Ѓорѓевиќ–Сузуки, кој пред македонската публика ќе се претстави заедно со врвните музичари од камерниот состав „Профундис“ под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ.
– Музичкото искуство на присутните ќе биде збогатено со специјално креирани 3Д-визуелни ефекти, кои со технологијата на 3Д-мапирање во целост ќе ја оживеат сцената на Националната опера и балет и ќе бидат уникатно доживување, кое за првпат ќе се случува во нашата земја на концерти од класичната музика – најавуваат организаторите.
На концертниот спектакл „Грув“ ќе прозвучи оригинална програма со четири праизведби составени од класиката, преку фолклорот, до рокенролот. Ексклузивноста на програмата преку делата на Џими Хендрикс, Палп Фикшн – Мизерлоу, В.Валтон, Д.Шостакович, Офенбах, Попер и Сарасате ќе ја збогати и делото на македонскиот композитор Дарко Илиевски – „Motus folklorikus“, напишано специјално за овој настан и посветено на камерниот оркестар „Профундис“.
– Овој концерт е доказ дека креативноста не познава граници и ќе биде навистина неверојатно мултимедијално доживување што се случува еднаш, но останува засекогаш. Користиме технологија што првпат се употребува на концерти од ваков тип и во комбинација со виртуозноста во сценскиот настап на солистот Драган Ѓорѓевиќ–Сузуки и уникатната програма ќе ја разбуди синергијата кај секој од присутните – вели маестра Ѓурѓица Дашиќ, уметничка раководителка и диригентка на „Профундис“.
Инаку, ова е следен во низата концертни спектакли на камерниот оркестар „Профундис“, откако минатата година ја обележи настапот на светски познатата виолинистка Ирина Мурезану, која ја наполни концертната сала на Филхармонијата. Настанот ќе се одржи во Националната опера и балет, на 21 април, со почеток во 20 часот.
Камерниот оркестар „Профундис“ е уметнички состав што постои веќе три години и чии цели се промоција на квалитетот и особеноста на изразот со посебен акцент на оригиналноста на сите концертни изведувања. Во него членуваат едни од најистакнатите македонски инструменталисти што се дел од двата професионални оркестри во Македонија, Националната опера и балет и Националната филхармонија.
Драган Ѓорѓевиќ e еминентен виолончелист и професор по виолончело на Факултетот за музичка уметност во Белград. Почнал да свири виолина на шест години, но се префрлил на виолончело и ги добил првите часови кај проф. Реља Ќетковиќ. Дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Белград и ги продолжил студиите во Лондон, каде што свирел со Лондонскиот симфониски оркестар и Кралската северна симфонија. Драган подоцна студирал со Јанг Чанг Чо на „Универзитетот за музика“ во Германија, каде што ја добил својата диплома со одликување и посебна чест. Како солист и камерен музичар, Драган настапувал на голем број меѓународни музички фестивали и соработувал со многу реномирани уметници. Тој е и уметнички директор на Училиштето за музички надарени деца во Ќуприја. В.Д.