Во декември минатата година, научниците од Националниот институт во Калифорнија направија голем чекор кон реализација на целта за производство на електрична енергија од енергијата на Сонцето, која би била бесконечен извор на енергија. Тие насочија ласер со 192 зраци кон цилиндар што содржи дијамантска капсула исполнета со гориво. Во такви околности, се создаде висока температура и предизвика фузија – реакцијата што го напојува Сонцето.
Споменатиот институт и претходно правел вакви експерименти, но овој пат енергијата, која била предизвикана од реакцијата, била поголема од моќта на ласерот што бил искористен за нејзино создавање. Научниците со децении се обидуваат и се надеваат дека еден ден ќе биде изградена електроцентрала во која ќе се произведува електрична енергија со фузија, без емисија на јаглерод. Но тоа уште е далеку, треба многу да се работи на развојот на технологијата.
Една од клучните компоненти на калифорнискиот институт е синтетичка дијамантска капсула, со големина на зрно бибер, која содржи гориво. Својствата на таа капсула се клучни за успешно експериментирање со фузија.
Капсулата мора да биде совршено мазна и не смее да содржи ништо што може да ја загрози фузијата. Таа не е направена во Калифорнија, туку е резултат на долгогодишна работа на компанијата „Дајмонд материјалс“, чие седиште е во Фрајбург, Германија.
Директорот на оваа компанија Кристоф Вајлд истакна дека изработката на капсулата е многу напорна. Се произведува од тим од 25 луѓе, преку процес наречен хемиско таложење пареа. Потребни се два месеца за да се направи серија од 20 до 40 капсули. Капсулата е направена со макотрпно раслојување на ситни дијамантски кристали околу јадрото од силициум карбид и полирање. Полирањето мора да биде совршено, бидејќи претходно со микроскопско набљудување беше утврдено дека површината е нерамна.
Силициумското јадро на капсулата се отстранува, а потоа капсулата се полни со деутериум и тритиум – супстанции што ја поттикнуваат реакцијата на фузија. Околу деутериум и тритиум има слој од злато и осиромашен ураниум. Третиот слој на капсулата е направен од алуминиум, кој се користи за ладење пред реакцијата.
Друг клучен елемент е оптиката. Бидејќи се користи најмоќниот ласер во светот, оптичките компоненти се оштетуваат при секое користење на уредот. Калифорнискиот институт од раните 1970-ти години соработува со производители на оптика како што се „Зајго корпорејшн“ и ШОТТ.
По успешниот експеримент минатиот декември, следниот предизвик е да се подобри технологијата за да се повтори реакцијата на фузијата и да се подобри. Мајк Фарел, потпретседател на енергетската компанија „Џенерал атомикс“, која е ангажирана во овој проект, посочи дека во следните 40 години може да се случи она што се сметаше дека е недостижно.
Низ светот се прават обиди да се изгради функционална електроцентрала со фузија, користејќи различни пристапи. За тоа се потребни години и милијарди долари, пишува „Би-би-си“.