Филмот „Кајмак“ на македонскиот режисер Милчо Манчевски ќе има европска фестивалска премиера во иста недела на два реномирани фестивали. „Кајмак“ на 2 март ќе има премиера како еден од деветте филма во главната конкуренција на 43-то издание на меѓународниот филмски фестивал „Фантаспорто“ во Порто, Португалија. Во исто време, „Кајмак“ е во главната програма и на 51-то издание на легендарниот „Фест“ во Белград, еден од најважните филмски настани во регионов. По првата проекција на филмот на 3 март, предвидени се уште две – на 4 и на 5 март.
– Во „Кајмак“ постои порафиниран развој, покарактеристичен тематски избор и присуство на уникатен режисерски глас, кои го прават филмот покомплексен од едноставна комедија. Филмот исто така има храброст да биде смел – вели италијанскиот магазин ОДГ, а американскиот онлајн магазин „Проџектор“ пишува: „Непредвидливиот поглед врз кармичка правда треба да биде уникатно трагикомично искуство за секој што ќе има среќа да го види“.
Седмиот целовечерен филм на Манчевски, „Кајмак“, е македонско-данско-холандско-хрватска копродукција, поддржана од „Еуримаж“. Главните улоги ги толкуваат Сара Климоска, Александар Микиќ, Камка Тоциновски, Симона Спировска, Ана Стојановска, Филип Трајковиќ и Петар Мирчевски. Директор на фотографија е Улрик Боел Бенцен, дизајнер на продукција Дејвид Манс, монтажер Емил Нунинга, а композитор е Данскиот гудачки квартет. Продуцент е Јане Ќортошев, а извршен продуцент Иан Прајор. Копродуцент на филмот е Македонската радио-телевизија. Филмот ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио во ноември 2022 година. Веднаш потоа беше прикажан и на филмскиот фестивал „Златен коњ“ во Тајпеј, Тајван.