Филмот „Кајмак“ на Милчо Манчевски имаше извонредна светска премиера во Токио. Пред преполна сала и пречекан со огромен аплауз, „Кајмак“ премиерно беше прикажан на 35. Меѓународен филмски фестивал во Токио. По проекцијата, режисерот и актерките Сара Климоска и Ана Стојановска имаа топол и динамичен формален разговор со возбудената јапонска и меѓународна публика.
„Кајмак“ се прикажува во официјална конкуренција на овој фестивал од А-категорија, кој е најголем во Азија и еден е од најголемите во светот. Од предложените 1.700 филма од 107 земји, во официјална конкуренција влегоа само 15, меѓу кои и македонскиот „Кајмак“.
Откако се распродадоа двете фестивалски проекции на „Кајмак“, организаторот додаде и трета проекција, предвидена за претпоследниот ден на фестивалот.
Организаторот му укажа исклучителна чест на Манчевски со тоа што го покани утре да одржи мастерклас за јапонските студенти и публика како единствен автор од западниот свет со мастерклас покрај претседателката на жирито, американската режисерка Џули Тејмур („Кралот лавов“ на Бродвеј, „Фрида“, „Бура“, „Титус“).
Манчевски ќе има формален разговор со публиката и по втората распродадена проекција на филмот, на 28 октомври. ТИФФ се отвори на 24 октомври, кога на црвениот килим продефилираа сите учесници, меѓу кои и дел од македонскиот тим на „Кајмак“, предводен од режисерот Манчевски, актерките Климоска и Стојановска и продуцентот Јане Ќортошев. „Холивуд репортер“, во извештајот од свеченото отворање на фестивалот, забележа дека на црвениот килим беше и Милчо Манчевски со актерските ѕвезди од „Кајмак“, нарекувајќи го „македонскиот ерудит од Њујорк“. Билетите за проекциите се распродадени една недела однапред. Годинава фестивалот се враќа во физичка форма по две години пандемија, а по 14 години пауза повторно ја враќа наградата „Акира Куросава“. Таа им се доделува на автори за извонреден придонес во светската кинематографија. Годинaшниот добитник е мексиканскиот оскаровец Алехандро Гонзалес Ињариту.
По светската премиера во Токио, „Кајмак“ патува на филмскиот фестивал „Златен коњ“ во Тајпеј, Тајван. Македонската премиера на „Кајмак“ е предвидена за средината на ноември, а филмот веднаш ќе биде на редовниот репертоар во сите киносали низ земјава.