Промотивен настан со фокус на сеопфатно истражување на првото македонско женско списание „Македонка – Орган на АФЖ“ ќе се одржи денеска, со почеток во 12 часот, во Музејот на Македонија. Настанот го организира Центарот за истражување на национализмот и културата (ЦИНИК), во партнерство со Музејот на Македонија и фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“, а соединува две главни содржини: изложба на уметницата Христина Иваноска, насловена „Документот што недостига“, и тркалезна маса „Перспективи на истражувањето на првото македонско женско списание ‘Македонка – Орган на АФЖ’: индивидуална, институционална и јавна димензија“. Оваа јавна дискусија е по повод промоцијата на зборникот на научни трудови во издание на ЦИНИК-Скопје, насловен „Архиви на невидливите: „’Македонка – Орган на АФЖ’ (1944-1952): историски искуства и културна меморија“
Зборникот тематски и критички ѝ пристапува на историјата на списанието „Македонка“, а го подготви тим од пет истражувачи: Ивана Хаџиевска (политичка историја), Јана Коцевска (социјални аспекти), Дарко Леитнер-Стојанов (образовни процеси), Мања Величковска (книжевни аспекти) и Христина Иваноска (уметничко истражување). Во зборникот се застапени релевантни излагања на регионални истражувачки, низ предговорот на д-р Ивана Пантелиќ (Институт за современа историја на Србија, Белград) и поговорот на д-р Јелена Милинковиќ (Институт за литература и уметност, Белград).