Бујар Османи Фото: Фејсбук

OMO „Илинден“ – ПИРИН со отворена порака му одговори на министерот за надворешни работи Бујар Османи кој денеска на брифинг со новинарите во Скопје потврди дека нема да оди на отворањето на клубот на македонската заедница во Благоевград в недела, бидејќи смета дека ниту тој клуб, ниту пак бугарските што се отвораат тука им одат во корист на македонската заедница во Бугарија или на бугарската заедница во земјава.
Ја пренесуваме во целост.

„Господине Османи,
Најавувате проверка кој стоел зад отворањето на Македонски културен клуб „Никола Вапцаров“? Тоа е познато на сите и никој го нема криено. Тоа е на право место Друштво за заштита на основни човекови права во Благоевград, друштво кое повеќе пати ја истакнува својата поддршка за евроинтеграцијата на Македонија и за добрососедството меѓу Македонија и Бугарија. Финансиери на Клубот се двајца истакнати припадници на македонската заедница во Торонто Канада: Глигор Цанев и Минчо Остас.
Посредник е Македонско меѓународно движење за човекови права.
Но господинот Османи не се интересира ниту од тоа кои го отворат клубот, ниту кој го финансира, туку се фиксирал само врз некои искажувања на посредникот искажувани во врска со други настани. Можеби затоа што си барате изговор зашто нема да дојдете?! Правдање, зашто надворешниот министер на Македонија не ги поддржува Македонците во Бугарија?
Така е кога првиот македонски дипломат се информира од жолти сајтови кои шират прикриено бугарска пропаганда во Македонија. Каде не помага, таму и ги напаѓа оние што ни помагаат!
И каков срам – шефот на македонската дипломатија ќе проверува што граѓани на друга земја прават во својата земја и што граѓани на трета земја финансираат.
Две прашања господине Османи:
1. Нели ветивте да не се мешате во внатрешните работи на Бугарија – да проверувате што прават граѓани на Бугарија во Бугарија не е ли директно мешање?
2. И не е ли тоа работа на бугарските институции, ако сакаат нешто да проверуваат на нивна територија? Од кога македонското надворешно министерство е разгранок на внатрешното министерство на Бугарија?
Отворањето на Културен клуб на име на поетот антифашист Никола Вапцаров не е исто со отворање на „културен“ клуб на име на терорист и хитлеров соработник.
Културните активности на Македонците во Бугарија не се провокација!
Културните активности на Македонците во Бугарија не можат да штетат на вистински и искрени добрососедски односи – токму спротивно!
Оставете ние, Македонците во Бугарија, да решаваме од што имаме потреба и што ни оди во наш интерес. Вие така или инаку се имате откажано од нас!
Оние што не се откажаа од нас – доаѓаат во недела. Тие се добродојдени!“