Во галеријата „Спирит лаб спејс“ во Окенхајм, Германија, е отворена изложбата „Трепет“ на уметникот Слободан Милошески. Изложбата е составена од 15 скулпторски дела во галериски формат, а публиката ќе има можност да ја посети до 29 август.
– Металните скулптури, добиени со сечење и со заварување, се изработени од инокс материјал, кој, и покрај тоа што може да се смета за тешко обработлив, во реалноста е многу флуиден, пластичен и пријатен за окото на гледачот. Скулптурите може да се преведат во различни метални симболи, обезбедувајќи им на гледачите приказ на изработка, со комбинирање слоеви од метал, едноставност и безбедност на полираната текстура, во склад со уметничкиот ум. Поради тоа, делата на Слободан Милошески се со различна конотација во однос на претходните, кои се од доменот на „академскиот пејзаж од механичко-кибернетичко потекло“, со еден поинаков вид разбирање на односот помеѓу егзактните науки и точноста на уметничката френзија – вели историчарот на уметноста Џемил Бектовиќ за изложбата.
Слободан Милошески во 2009 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на вајарскиот оддел, а магистрира на истиот факултет во 2011 година. Во 2018 година докторира на Национална уметничка академија во Софија, Бугарија, на катедрата Скулптура. Досега има реализирано 29 самостојни изложби, а учествувал на повеќе од 90 групни изложби во земјава и во странство. Добитник е на 16 награди и признанија, од кои најзначајни се наградата за скулптура „Јордан Грабул“ доделена од Друштвото на ликовните уметници на Македонија во 2012 и 2015 година, наградата за скулптура мал формат „Димо Тодоровски“ доделена од ДЛУМ во 2014 година, наградата за скулптура доделена од ДЛУМ во 2020 година, наградата за современа скулптура „Боро Митриќески“ доделена во 2021 година и наградата „Адем Кастрати“ доделена од КИЦ-Скопје во 2021 година.