Првото издание на фестивалот БОШ се случи во 2009 година, а во чест и сеќавање на Бошко Бозаџиевски (1981-2008), актер и поет од Гевгелија. Приказната на фестивалот започнува како ентузијастичка посвета од неколку негови блиски пријатели, но во меѓувреме фестивалот прерасна во мултимедијална платформа преку која се слави и реобмислува современата уметност.
– Цели 15 години истрајност и посветеност кон една идеја за создавање, творештво, жива култура што треба да ги инспирира младите да се сакаат и почитуваат себеси, но и околината во која живеат и создаваат. Иако не е воопшто лесен целиот овој процес, „Арт еквилибриум“ успеа и овој пат да донесе изложби, перформанси, кинопроекции, видеоинсталации, концерти на три локации во Гевгелија: Домот на културата, Галеријата градски амам и стариот пазар – истакнуваат организаторите.
Викендов во рамките на фестивалот во Градски амам беше поставена изложбата
„Простор“ на Анамарија Митриќеска Кал’чева. Стефчо Стефанов имаше поетски перформанс „Аџамиски ем зрели параидолии“. Беше прикажан документарниот филм „Трн“ посветен на актерот и граѓански борец и активист Стојан Велков-Трн, како и „Ерос енд танатос“, краткиот филм на Александар Спасоски во кој сцените се снимени од задното седиште на трамвај во Минхен, патувајќи од еден доктор кон друг и лекувајќи се од тешките последици доживеани од тешка сообраќајна несреќа на авторот. Краткиот филм „ПС Бусан“ на Саша Станишиќ исто така беше дел од програмата. Филмот е сниман на корејски јазик со целосно корејска екипа. Книжевна дружба публиката имаше со Стефан Алиевиќ, а изложени беа и 30 фотографии на Наташа Гелева под наслов „Излишно“. Во рамките на програмата се отвори изложбата „Спознавање“ на цртежи и графики на Марија Ќорнакова, а Матеј Богдановски имаше промоција на арт-книга „Аиии! Арт“. „БОШ-скулптура“ изработи Александар Јанев за јубилејниот фестивал БОШ.
– Скулптурата е изработена од оревово дрво комбинирано со метал. Во своите дела авторот користи доста симболи, бидејќи самата историја на симболите потврдува дека секој предмет може да добие симболичка вредност, било да е природен (камен, стебло, цвеќе, плод) или апстрактен (геометриски облик, број, ритам). Тој не се занимава со пресликување на природата, туку со изразување на сопствените доживувања на природата – велат организаторите.
„Те гледам!!!…поинаку…“ беше изложбата со фотографии на студенти од ФЛУ.
Оваа изложба нуди поинакво набљудување и испитувачки дух што истовремено ја предизвикува нашата перцепција и нè охрабрува да се восхитуваме на чудата што го дефинираат нашето постоење. Изложени беа и стрип-таблите на Горан Дачев за графичката новела „Зомбиленд“ по текст на Емил Алексиев. Приказната е пародија на современиот начин на живеење. Александар Дениќ имаше свој сликарски перформанс, а Алиса Лаурешес – изложба на монотипии „Дали сте виделе мечка“. Дел од фестивалот беше и Ице Капсаров со видеоинсталацијата „Очи“. С.Ј.