Фото: Завод и музеј - Прилеп

Добиена е дополнителна потврда за простирањето на градбите на акрополниот дел, каде што беше откриена административната зграда на главниот градски плоштад – агората, каде што се одвивале сите значајни настани, а во пазарните денови биле продавани разни прехранбени продукти

Со софистицирана опрема за детекција е извршено геоскенирање на неколку пункта на урбаниот центар во Пелагонија во античко време, градот Стибера кај селото Чепигово. Овие активности беа во рамките на годишната програма на НУ Завод и музеј – Прилеп во соработка со Археолошки музеј – Скопје, а поддржани од Министерството за култура. Според археологот Душко Темелкоски, советник кустос, површински се скенирале места на кои се претпоставува дека постојат градби.

– Прелиминарните согледувања на истражувањата на Стибера со овој неинвазивен метод, кои се преземени за првпат, ги потврдуваат претпоставките. Добивме дополнителна потврда за простирањето на градбите на акрополниот дел, каде што беше откриена административната зграда на главниот градски плоштад – агората, каде што се одвивале сите значајни настани, а во пазарните денови биле продавани разни прехранбени продукти. Агората во Стибера е прво откривање на тој вид урбан простор во некој антички град кај нас. Резултатите од геоскенирањата се дополнителен поттик за решавање на имотноправните пречки со парцелите во тој дел од античкиот град, односно нивна експропријација или купување, за да можат археолошките ископувања непречено да продолжат во иднина. Со тоа, градбите што би се откривале не ќе мораат повторно да се засипуваат со земја, односно би се вршеле конзерваторско-реставраторски зафати врз нив, со што Стибера би добила репрезентативни градби како што доликува – вели Темелкоски.

Освен тоа, со геоскенирањето е добиена одредена претстава за густината на позиционираноста на градбите, нивното протегање и зафатнина, така што ќе придонесе дополнително за насочување на идните археолошки ископувања на определениот простор. Со тоа се заштедуваат време и средства, со оглед на тоа што ископувањата ќе бидат преземани на точно дефинирани места.
Стибера е археолошко наоѓалиште што се наоѓа во северниот дел на Пелагонија, на ридот Бедем, во близината на селото Чепигово, на 20 км западно од Прилеп. Наоѓалиштето лежи над вливот на реката Блато покрај Црна Река. Датира од 3 век пр. н.е. до 3 век од нашата ера и се претпоставува дека во времето на најголемиот подем во градот живееле над 20.000 жители. Во Стибера се откриени голем број скулптури што биле поставени во храмот посветен на божицата на судбината, Тихе. Дел од откриените статуи се наоѓаат во музејот во Прилеп, во постојната археолошка поставка, а дел во музеите во Скопје. Се претпоставува дека со досегашните ископувања е откриено само 1-2 отсто од археолошкото богатство на градот.

Ка.М.