Фото: Пиксабеј

Модерно ментално растројство

Луѓето што страдаат од мизофонија можат да бидат иритирани од многу обичен звук како гума за џвакање, кашлање, звук на дишење, гребење на површина или звук на чекори. Луѓето со мизофонија не можат да ги поднесат звуците што повеќето луѓе не ги забележуваат. Станува збор за многу ретко ментално нарушување. Првите симптоми се појавуваат во детството, а како што стареат, луѓето сѐ повеќе и повеќе се иритирани од звуците.

Силен наплив на негативни чувства

Силниот наплив на негативни чувства, најчесто лутина и анксиозност, е мистериозна состојба што се јавува како одговор на некои звуци што ги слушаме речиси секој ден, кај луѓето со мизофонија се создава чувство што е поинтензивно од обична непријатност, па често постои сомнеж дали тоа навистина може да се смета за ментално растројство.
– За разлика од луѓето што велат дека им пречи некој што џвака чипс во кино за време на филм, луѓето со мизофонија навистина страдаат – објаснува професорот по психијатрија на Универзитетот во Амстердам, Демијан Денис, за „Лајф сајенс“.
Експертите велат дека луѓето со ова нарушување најмногу се иритирани од звуците што ги прават најблиските луѓе, како што се членовите на семејството или пријателите. Тогаш можат да бидат најагресивни. Кај поблагите нарушувања симптомите се ублажуваат со лекови, но вистински лек нема.
Во многу тешки случаи, луѓето целосно се изолираат за да ги избегнат сите звуци што ги мачат. Тоа, од друга страна, доведува до повлекување и депресија, пишува „Менталфлос.ком“.
– Се работи за неодамнешно ментално растројство. Разговаравме со 42 лица со слични симптоми и тие ни открија дека избегнуваат секакви социјални активности, времето го поминуваат најчесто со слушалки на уши, а секојдневните обиди да не слушаат ништо им предизвикуваат голем стрес. Тие знаат да бидат агресивни. Свесни се дека тоа е неприфатливо однесување, но сепак е посилно од нив – објаснуваат научниците од Амстердам.

Поврзаност со депресија

Тие презентираа дијагностички критериуми што би ја класифицирале мизофонијата како ново психијатриско нарушување. Меѓутоа, некои научници тврдат дека тоа всушност може да биде симптом на други основни психијатриски нарушувања како што се опсесивно-компулсивно растројство (ОЦД) или генерализирано анксиозно растројство.
Оние што страдаат од мизофонија имаат поголема инциденца на депресија и анксиозност, а бидејќи тоа е поврзано со ОЦД, уште потешко е да се одреди дали аверзијата кон одредени звуци е занемарен симптом на тие нарушувања или е дијагноза сама по себе.
Маргарет и Павел Јастребоф, научници од универзитетот „Емори“ во САД, кои први го измислија терминот, тврдат дека овие состојби се поврзани со намалена толеранција на звук. Тие исто така велат дека некои луѓе може да доживеат мизофонија, но клинички да не бидат погодени од неа, но други се склони кон потешки реакции.
Во една студија, која опфатила 500 студенти, околу 20 проценти од учесниците пријавиле клинички значајни симптоми на мизофонија. Повторно беше откриено дека симптомите често се преклопуваат со анксиозност, опсесивно-компулсивно растројство и депресија.