Фото: Маја Јаневска-Илиева

Како ќе се формира новата Влада по парламентарните избори 8 мај беше темата на препукување, за која си испратија пораки претставници на политичките партии.

Актуелниот министер за надворешни работи Бујар Османи кој беше и кандидат за претседател на коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ изјави дека не може да има Влада без двојно мнозинство, парламентарното од 61 пратеник плус Бадентерово, а за таквите тврдења се повикуваше на Охридскиот рамковен договор.
-Епа изгледа треба пак да нацртам. Еве ви кажувам без ДУИ нема Бадентер, а без Бадетер нема функционална Влада – изјави Османи на денешната прес конференција.

-Европскиот фронт беше и останува најстабилната опција која ја придвижува евроатлантската ориентација на Северна Македонија како единствена патека што води кон безбедна иднина – истакна тој денеска на прес-конференција.

Тој обвини дека наспроти ВМРО-ДПМНЕ и нејзините сојузници кои секојдневно рециклираат националистички тези, флертуваат со проруски интереси и зголемуваат тензиите меѓу етничките и верските заедници во земјата, Фронтот е тој кој гарантира стабилност и соживот, обединувајќи ги сите заедници во мисијата за подобар и побогат живот во ЕУ.

Претходните денови имаше неколку јавно искажани ставови на опозициската ВМРО-ДПМНЕ со кои ја отфрла можност за постизборно коалицирање со ДУИ.

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски изјави дека „тој што не може да формира влада изгубил на изборите“.

-Прво, тој што не може да формира влада значи изгубил на изборите бидејќи влада се формира со минимум 61 пратеник. Ќе видиме како ќе бидат финалните резултати на 8 мај, бидејќи изборите уште не се завршени и тогаш ќе може да се разговара во однос на формирање на влада. Јас знам како изгледа формирање на влада, треба да имате 61 пратеник минимум за да формирате влада. Полека, па ние сме во избори конкуренти со ВМРО-ДПМНЕ, 8 мај нека дојде па ќе видиме – рече Ковачевски по средбата со претставниците на раководството на Стопанската комора на северозападна Македонија.

Одговарајќи на новинарско прашање за зголемувањето на националистичката реторика во рамки на кампањата, претседателот на СДСМ потенцира дека националистичка реторика не води никаде и потенцира дека овие избори се за иднината.

-Јас веќе ги имам осудено изјавите и на Ахмети во однос на несоодветното скандирање на плоштадот „Македонија“ бидејќи тие се анахроно скандирања кои не враќаат 20 години наназад во едно закопано минато којшто сме го надминале со Охридскиот рамковен договор, што сме го надминале со членството во НАТО благодарение на СДСМ и кое што сме го надминале со отпочнувањето на преговорите со ЕУ повторно благодарени на СДСМ и исто така упатив порака и до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и до претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска дека националистичка реторика не води никаде – рече Ковачевски, кој е носител на кандидатската листа за пратеници на Коалицијата предводена од СДСМ во Првата изборн аединица.

Дополни дека овие избори не се за враќање назад кон минатото, туку се за иднината и оти не се за изолација, туку за интеграција во ЕУ бидејќи, нагласи, изолација може да значи изолација и внатре во рамки на етнички заедници што ќе значи изолација и од соседите и што ќе значи изолација финална и на државата од европските процеси.