Ексклузивно издание на „Последниот ден на Mисирков“ во Москва

Во поговорот е направена филозофско-поетичка трансверзала за значењето
на Крсте П. Мисирков во балкански, европски и светски контекст

По повод 120-годишнината од формирањето на „Македонското научно-литературно другарство“ (МНЛД) во 1902 година во Санкт Петербург, издавачката куќа „У Никитских ворот“ од Москва ја објави драмата „Последниот ден на Мисирков“, од македонскиот автор со интернационално реноме Јордан Плевнеш. Преводот на руски јазик е на Олга Панкина, која во последниве три децении има објавено преводи од врвните имиња на македонската литература. Книгата е со предговор на Љупчо Коцарев, претседател на Македонската академија на науките и уметностите.
– Формирањето на „Македонското научно-литературно другарство“ во Санкт Петербург е настан што барем симболично го означува почетокот на македонската современа научна мисла. Меѓутоа, за жал, МАНУ сѐ уште не собра сили, наместо 55-годишен јубилеј, да го прославува 120-годишниот јубилеј од своето формирање, практика воспоставена во соседните држави Србија и Бугарија, кога станува збор за нивните академии САНУ и БАН, соодветно. За среќа, точно на 28 октомври 2022 година се случува едно духовно чудо. Во чест на 120-годишнината од формирањето на „Македонското научно-литературно другарство“, во издание на издавачката куќа „У Никитских ворот“ од Москва, излезе во превод на Олга Панкина драмата „Последниот ден на Мисирков“ од македонскиот литературен Херодот, Јордан Плевнеш“ – вели Коцарев во предговорот.
Во книгата исто така е објавен опсежен поговор на академик Георги Старделов, под наслов „Дефиниција за Македонија“, во кој е направена филозофско-поетичка трансверзала за значењето на Крсте П. Мисирков во балкански, европски и светски контекст.
Првите примероци од книгата ќе ги претстави пред јавноста претседателот на МАНУ, денеска на научниот собир по повод јубилејот на МНЛД, каде што учествуваат повеќе академици и научни работници од Македонија. Истовремено, Олга Панкина ќе jа презентира книгата во Русиjа, во рамките на театарскиот фестивал во Долгопрудни. Посебна промоција ќе биде одржана на 4 ноември во Друштвото на писателите на Македонија.