Операта „Метрополитен“ во Њујорк најави дека нема да работи со уметници што го поддржуваат Путин. Русија нема да биде претставена на големи меѓународни настани, како што е Биеналето во Венеција, а Европската филмска академија (ЕФА) најави дека ќе ги исклучи пријавените руски филмови од конкуренција за Европските филмски награди

Во текот на изминатата недела, главните културни играчи во светот, вклучувајќи и некои во Русија, реагираа на инвазијата на Украина со откажување на претставите и со притисок врз уметничките институции во земјата. Досега повеќе од 500.000 бегалци ја напуштија Украина, додека Кремљ продолжува да ги напаѓа најнаселените градови во земјата, вклучувајќи го и главниот град Киев. Иако голем дел од фокусот е ставен на санкциите што би ја осакатиле руската економија, културното влијание на земјата исто така се намалува. Русија нема да биде претставена на големите меѓународни настани, како што се Биеналето во Венеција и Изборот за песна на Евровизија.
Уметниците и изведувачите, од Иги Поп до „Франц Фердинанд“, исто така ги откажуваат настапите во земјата, додека се избегнуваат оние што му изразија поддршка на рускиот претседател Владимир Путин.
Настапот на Иги Поп во Москва на 10 јули 2022 година е откажан. Наспроти актуелните настани, ова е нешто неопходно. Нашите мисли се со Украинците и со сите храбри луѓе што се противат на ова насилство и бараат мир – се вели во официјалната објава на Твитер.

Во Германија, рускиот диригент на Минхенската филхармонија, Валери Гергиев, е отпуштен, бидејќи одбил да ја осуди војната или Путин, со кого има блиски врски, се вели во изјавата на градоначалникот на Минхен, Дитер Рајтер.
Помалку од еден ден откако Европската радиодифузна унија (ЕБУ) објави дека ќе ѝ дозволи на Русија да се натпреварува на Изборот за песна на Евровизија – организацијата го смени курсот.
На ниту еден изведувач што ја претставува земјата нема да му биде дозволено да се натпреварува овој мај – потврди ЕБУ во соопштението објавено неодамна.
Операта „Метрополитен“ во Њујорк најави дека нема да работи со уметници што го поддржуваат Путин. Тоа значи дека „Мет“ најверојатно ќе ги замрзне односите со московскиот театар „Бољшој“, чија копродукција на операта „Лоенгрин“ на германскиот композитор Рихард Вагнер во моментов е планирана за следната година.
Украинскиот министер за култура Олександр Ткаченко им се придружи на групата украински уметници, галеристи, актери, музичари и филмски режисери што бараат посилни, посеопфатни културни санкции. Тие потпишаа петиција со која ги повикуваат меѓународните институции да ги откажат културните партнерства со Руската Федерација, да ги прекинат врските со руските граѓани што седат во советодавните одбори и да го забранат учеството на Русија на големите уметнички настани, вклучувајќи ги Арт Базел и Канскиот филмски фестивал.

Украинската филмска академија поведе јавна петиција со повик за меѓународен бојкот на руската кинематографија, вклучувајќи и проекции во Меѓународниот филмски круг. Европската филмска академија (ЕФА) одговори како поддршка, велејќи дека ќе ги исклучи пријавените Руси од Европските филмски награди.
Европската филмска академија останува место на поддршка и единство за сите филмски работници што го делат нашето верување во човечкото достоинство, слобода, демократија, еднаквост, владеење на правото и човекови права. Им оддаваме почит и ги цениме оние храбри филмски работници во Русија што се противат на оваа војна, но со оглед на бруталниот и неоправдан напад, мораме да застанеме покрај нашите сестри и браќа во Украина чии животи се во опасност – се вели во соопштението на ЕФА.