Тимот на градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, во јули и август, ќе се фокусира на промоција на новите наслови од последниот откуп и на нивна достапност до читателите.
– Подготвуваме кампања за социјалните мрежи во која библиотекарите од одделите за зајмување книги препорачуваат омилени наслови. Пултовите и овие луѓе од нашиот тим се срцето на библиотеката и главната алка за јакнење и промоција на читачката култура. Во овој период ќе се вршат и интерните анализи, стратегии и подготовки за новите програмски содржини за од септември, а се работи и на изборот на нови наслови и дела за вториот циклус од кампањата „Читаме современи македонски автори“. Нашите читални остануваат отворени и атрактивни за студентите што тука ги подготвуваат испитите, научните оддели исто така, а не е смален ниту интересот за одделот за британска и странска литература, така што за нас и летото е активен и работен период – најавуваат од градската библиотека.

Инаку, изминатиов месец беше почеток на сезоната на настани во Паркот на поезијата во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје. Настаните се одржуваа и на отворено, во пријатна атмосфера на паркчето, кое иако е во срцето на градот, сепак има и своја единствена убавина. Неодамна е направено и хортикултурно уредување, благодарение на ГУГС „Ѓеорги Димитров“ – Скопје, учениците од ООУ „Коле Неделковски“ – Центар и професионалната поддршка од ЈП „Паркови и зеленило“.

– Водејќи се од своите заложби за отворено културно и едукативно јадро достапно за сите граѓани, библиотеката ги отвора вратите за соработка со локалните фестивали за литература и култура, нудејќи им институционална и просторна поддршка. На тој начин институцијата останува отворена не само за редовните корисници туку и за потенцијални читатели од различни категории – велат од библиотеката. В.Д.