Што е најзначајно од посетата на индискиот премиер Нарендра Моди на Египет?

Индискиот премиер Нарендра Моди ја заврши дводневната посета на Египет со посета на пирамидите, еден од многуте симболи на богатата историја на таа земја. Но Моди не е политичар што патува само за да позира пред камерите. Некои аналитичари ја опишуваат оваа посета како потенцијален „менувач на играта“ за билатералните односи. Токму оваа посета се очекува да го отвори патот за значително зголемување на индиските инвестиции во северноафриканската земја и да го постави теренот за Египет да добие влез во економскиот блок – БРИКС!

Прва посета на индиски премиер по 26 години

Ова е прва посета на индискиот премиер Нарендра Моди на земјата како премиер и, воопшто, прва посета на индиски премиер од 1997 година. Во јануари, египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси го посети Њу Делхи, кога беше главен гостин на прославите на Денот на републиката во Индија. Ел-Сиси беше првиот египетски претседател што ја доби таа чест. Посетата на Моди се смета за зајакнување на билатералните односи, кои двете страни веќе ги подигнаа на стратегиско ниво за време на посетата на Ел-Сиси во јануари.
– Ова е многу брза, реципрочна посета, која доаѓа само шест месеци по посетата на претседателот Сиси на Индија. Очекуваме и уверени сме дека посетата не само што ќе обезбеди континуиран импулс во односите меѓу нашите две земји туку и ќе помогне да се прошири на нови области на трговски и економски ангажман – рече портпаролот на индиското министерство за надворешни работи Ариндам Багчи.
Од гледна точка на Египет, повеќе станува збор за диверзификација на партнерства надвор од западниот блок. За Индија, набљудувачите рекоа дека ќе ја консолидира својата позиција како глас на глобалниот југ додека се подготвува да биде домаќин на состанокот на Г20 во септември, во главниот град Њу Делхи.
Покрај билатералните разговори и потпишувањето различни трговски договори, Моди имал интеракција со малата индиска заедница.
Индија и Египет уживаа блиски врски бидејќи, заедно со Југославија, тие беа основачи на Движењето на неврзаните (НАМ) во 1961 година – глобален форум од 120 земји во развој што веруваа во неврзување на блоковите на големите сили.
Во последните години, Ел-Сиси патувал во Индија трипати. Додека Египет сака зголемени индиски инвестиции во земјата, експертите велат дека Њу Делхи бара подлабок пристап до регионот на Блискиот Исток и Северна Африка преку Каиро.
Разбирливо е дека посетата предизвика големо внимание на медиумите, па оттаму и следуваа голем број анализи. Една од највпечатливите е онаа на Афтаб Камал Паша, кој предаваше студии за Блискиот Исток на универзитетот „Џавахарлал Нехру“ во Њу Делхи, а кој изјави за Ал џезира дека Египет и Индија историски имале пријателски односи.
– Постојат јасни граници за тоа што може да го добие Моди од државите на ГЦЦ (Советот за соработка во Персискиот Залив), па тој се сврте кон Египет – рече Паша.
Тој додаде дека Ел-Сиси би сакал Египет да му се приклучи на БРИКС. А Моди „сака поизбалансирана позиција во однос на Кина во организацијата“ , но исто така и да го спречи Пакистан да му се приклучи на БРИКС – рече аналитичарот.
Големи се очекувањата дека во наредниот период Моди ќе ја објави поддршката на Индија за желбата на Египет да му се приклучи на БРИКС.
– Моди ќе може да тврди дома дека најважната арапска земја ја поддржува Индија… без да се осврнува на неговата политика кон индиските муслимани и без да споменува што прави во Кашмир – рече Паша.

Што е од интерес на двете земји – Индија и Египет?

Египетската економија доживеа турбулентни времиња во изминатите неколку години, првично предизвикани од пандемијата, а потоа по руско-украинската војна, која влијаеше на снабдувањето со храна за речиси 80 отсто од египетското жито увезено од Русија и Украина. Војната влијаеше и на девизните резерви на Египет. Во 2022 година, и покрај ограничувањата за извозот на пченица, Индија се вклучи за да му помогне на Египет погоден од кризата и дозволи 61.500 тони да бидат испорачани во земјата.
За да ја надмине кризата, Египет бара инвестиции од Индија за да ги исполни своите обврски за надворешниот долг и да ја одржи безбедноста на храната. Од почетокот на украинскиот конфликт, вредноста на египетската валута е речиси преполовена. Голем број странски инвеститори извлекоа милијарди од пазарите на обврзници во Египет.
Блиските врски со Каиро може да имаат импликации и за Индија, велат аналитичарите. Најнаселената земја на Блискиот Исток и Северна Африка (МЕНА), Египет, е од клучно геостратегиско значење, бидејќи 12 отсто од глобалната трговија минува низ Суецкиот Канал. Каиро може да биде портата на Индија кон главните пазари во Европа и Африка, велат експертите. Индија е исто така загрижена поради зголеменото влијание на Кина во Египет. Билатералната трговија на Кина со Египет моментално изнесува 15 милијарди долари, што е двојно повеќе од 7,26 милијарди долари на Индија во 2021-2022 година.

Индија како претставник на глобалниот југ

Фазур Рахман Сидики, виш научен соработник во Индискиот совет за светски прашања (ICWA) во Њу Делхи, изјави дека Индија има намера да стане значајна сила на глобалниот југ.
– Откако Моди дојде на власт, Индија се обиде да го прошири досегот на својата надворешна политика. Индија отвори речиси 20 нови амбасади на африканскиот континент.
Египет со текот на годините го загуби својот глас во регионалните прашања како Палестина, Етиопија и многу африкански земји. Го загуби својот сјај во споредба со она што беше некогаш. Но, Египет сега гледа надвор од африканскиот континент и Индија е потенцијал за негов раст – ​​вели индискиот аналитичар.
Тој додава дека преку здружување со Египет, Индија може да има подлабок пристап до арапскиот свет, Африка и многу подлабок пристап до Израел. По преземањето на претседавањето со Г20 во декември 2022 година, Индија го покани Египет да учествува како „земја гостин“.
Во интервју за индиски „Хиндустан тајмс“ минатата недела, египетскиот амбасадор во Индија, Ваел Мохамед Авад Хамед, посетите ги нарече „менувачи на играта“.
– Можеме да ја зајакнеме меѓусебната позиција на меѓународниот фронт… ѝ нудиме на Индија многу ветувачка можност да го земе Египет како отскочна штица за три региони – Европа, Блискиот Исток и цела Африка. Со лансирањето директна врска меѓу Каиро и Њу Делхи, заедно со можноста за изградба на индустриска зона за Индија во Египет – сето тоа се работи што навистина ќе ги зајакнат нашите односи и ќе ги одведат на нови хоризонти – рече тој.

Подготвил: Mарјан Велевски