Рестриктивната монетарна политика веќе се одрази и на најголемите економии, како што е германската, која влезе и во техничка рецесија, по двете последователни негативни стапки на раст во последните два квартала. За такво можно сценарио отворено се говори и во италијанската влада. Покачувањата на каматните стапки го постигнуваат саканиот исход преку намалување на побарувачката, но тие не ја „решаваат“ ефективно инфлацијата што произлегува од шоковите на понудата, на влезната страна – како што е наглото зголемување на цените на енергентите (како во 1970-тите и повторно денес) или разните видови блокирања на синџирот на снабдување што ги видовме за време на пандемијата на ковид-19 и по Украина, вели нобеловецот Џозеф Стиглиц

Зголемувањето на каматните стапки не го решава проблемот на инфлацијата, а сѐ повеќе ја задушува реалната економија

Европската централна банка со подигнувањето на каматните стапки го следи поедноставениот рецепт за справување со инфлацијата, кој може да донесе повеќе штета отколку полза, предупреди италијанската премиерка Џорџа Мелони. Ова е прва изјава од висок државен функционер на ЕУ што отворено изрази сомневање во досегашната монетарна политика што се води од централните банки во развиените земји, а која за прв приоритет има(ше) соборување на високата инфлација. Поради континуираното зголемување на основните каматни стапки, централните монетарни власти ризикуваа да предизвикаат драстично намалување на потрошувачката, која се одрази и на намалување на глобалните економски текови.

Рецептот со зголемување наm каматните стапки што го следи ЕЦБ не е добро решение

Рестриктивната монетарна политика веќе се одрази и на најголемите економии, како што е германската, која влезе и во техничка рецесија, по двете последователни негативни стапки на раст во последните два квартала. За такво можно сценарио отворено се говори и во италијанската влада.
– Треба решително да се бориме против инфлацијата, но многумина сметаат дека поедноставениот рецепт со зголемување на каматните стапки што го следи ЕЦБ не е добро решение. Мораме во пресметката да го вклучиме ризикот дека континуираното би можело повеќе да им наштети на економиите отколку инфлацијата, дека лекот на крајот би можел да направи поголема штета отколку самата болест – изјави италијанската премиерка по подигнувањето на каматните стапки, кои ги подигнуваат трошоците за сервисирањето на италијанскиот јавен долг.
Ваквата монетарна политика би можела, како што стравуваат во Рим, повторно да предизвика рецесија.
Нобеловецот Џозеф Стиглиц во своите претходни настапи предупредуваше дека „не можеме против оваа инфлација само со повисоки камати“, тоа на крајот ќе доведе до „рецесија и луѓе без работа“!
– Покачувањата на каматните стапки го постигнуваат саканиот исход преку намалување на побарувачката, но тие не ја „решаваат“ ефективно инфлацијата што произлегува од шоковите на понудата, на влезната страна – како што е наглото зголемување на цените на енергентите (како во 1970-тите и повторно денес) или разните видови блокирања на синџирот на снабдување што ги видовме за време на пандемијата ковид-19 и по руската војна во Украина. Повисоките каматни стапки нема да доведат до повеќе автомобили, повеќе нафта, повеќе житарки, повеќе ѓубрива или повеќе млеко за бебиња. Напротив, со поскапување на инвестициите, тие дури може и да го попречат ефективниот одговор на проблемите од страна на понудата. Искуството од 1970-тите нуди неколку важни лекции за сегашниот момент. Една од нив е дека големите покачувања на каматните стапки може да бидат многу штетни. Земете ја предвид должничката криза во Латинска Америка во 1980-тите, која имаше долготрајни ефекти, кои траеја речиси две децении. Друга лекција е дека „меките приземјувања“ пилотирани од централните банки е особено тешко да се оркестрираат – вели Стиглиц.
При сето ова, треба да запомниме дека денешната економија е многу различна од економијата од 1970-тите. Би било врв на глупоста да се применуваат решенија од 1970-тите врз проблемите со кои се соочуваме во 2022 година. Економијата е многу поинаква. Според тоа, дебатата треба да се сврти кон прашањето што друго може да направи владата за да ја скроти инфлацијата и да управува со нејзините најнеповолни ефекти и кои политички и економски идеи најверојатно ќе нѐ водат до целите што ги бараме – додава нобеловецот Стиглиц.

Ќе следува „година на контракција и европска рецесија“ во 2024-та

Џозеф Литл, глобален главен стратег во британскиот банкарски гигант „ХСБЦ асет менаџмент“, излезе со своја процена дека „САД ќе влезат во пад во четвртиот квартал, по што ќе следува „година на контракција и европска рецесија во 2024-та“.
– Предупредувањата за рецесија „светкаат црвено“ за многу економии, додека фискалната и монетарната политика не се синхронизирани со пазарите на акции и обврзници. Веќе сме во мала профитна рецесија, а и корпоративните неплаќања почнаа да се зголемуваат – наведува Литл во својата економска анализа.
Тој призна дека централните банкари нема да можат да ги намалат стапките ако инфлацијата остане значително над целта – како што е во многу големи економии – и рече дека затоа е важно рецесијата „да не дојде премногу рано“ и да предизвика дезинфлација.
– Следното сценарио за рецесија ќе личи повеќе на рецесијата од раните 1990-ти, при што нашето централно сценарио е намалување на БДП за 1-2 отсто – додаде Литл.
Главниот економист на Европската централна банка, Филип Лејн, рече дека на ЕЦБ ќе ѝ требаат години да ја достигне целта за инфлација, но остана на својот оптимистички став дека ќе биде постигнат добар напредок веќе оваа година. На почетокот на овој месец, ЕЦБ ја зголеми својата главна каматна стапка за 25 базични поени, на 3,5 отсто, последно во серијата зголемувања од јули 2022 година, додека креаторите на политиката се обидуваат да ја вратат рекордно високата инфлација во еврозоната. Вкупната инфлација во целиот блок во мај беше 6,1 отсто на годишна основа, наспроти 7 отсто претходниот месец. Базичната инфлација, која ги исклучува променливите цени на храната и енергијата, изнесуваше 5,3 отсто на годишна основа.
– Нема да се вратиме на 2 процента инфлација за неколку години. Ќе напредуваме и оваа година, особено во подоцнежниот дел од годината, но тој нема да падне на 2 процента за неколку месеци – рече Лејн.
Инаку, ставот на италијанската премиерка Мeлони беше унисоно поддржан и од членови на нејзината влада, кои ја критикуваа ЕЦБ од почетокот на циклусот на заострување на монетарната политика во јули 2022 година. Министерот за природна средина и енергетика Џилберто Пикето Фратин изјави дека „претераното“ подигнување на каматните стапки на ЕЦБ би можело да предизвика ефект на бумеранг. Министерот за надворешни работи Антонио Тајани изјави дека подигнувањето на трошоците за задолжувањето „не е во интерес на (економскиот) раст“.
Мелони, зборувајќи во долниот Пратенички дом на италијанскиот парламент пред самитот на Европската Унија во Брисел, рече дека инфлацијата не го предизвикала прегрејувањето на европската економија, туку надворешните фактори, како што е војната во Украина, кои ги поттикнале растот на цените на енергијата, како влезен фактор во работењето во реалната економија.
Претставниците на Италија во ЕЦБ, членот на управата Фабио Панета и шефот на италијанската централна банка Игнацио Виско спаѓаат меѓу заговорниците на благата монетарна политика во управните совет што одлучува за каматните стапки во еврозоната.
Но влегувањето во рецесиската зона не ги „поколеба“ централните банки на САД и на Европската Унија да продолжат со својата планирана политика за зголемување на каматните стапки. На јунската седница челниците на ЕЦБ повторно ги зголемија каматните стапки во еврозоната, на највисокото ниво во 22 години, и соопштија дека речиси сигурно повторно ќе ги зголемат и во јули, имајќи предвид дека инфлацијата ќе остане на целните 2 отсто до крајот на 2025 година. Челниците на ФЕД повторно најавуваат можност за зголемување на каматните стапки до крајот на годинава. М.Ј.