Висока делегација на палестинското движење Хамас, предводена од лидерот Халил ал Хаја, синоќа пристигна во Каиро на нова рунда разговори насочени кон постигнување напредок во договорот за прекин на огнот во Појасот Газа и подготовка на следната фаза од договорот.
Во составот на делегацијата се наоѓа и Захер Џабрани, еден од водечките претставници на движењето во Западниот Брег.
Според најавите, разговорите со египетските претставници ќе траат неколку дена. Главниот фокус ќе биде ставен на завршувањето на првата фаза од договорот за прекин на огнот, прашањата поврзани со, како што тврди Хамас, прекршувањата на договорот од страна на Израел во Газа, како и на можностите за премин кон втората фаза од договорот.
За време на посетата, делегацијата на Хамас ќе оствари средби и со претставници на други палестински фракции со цел усогласување на заедничка национална позиција за клучните политички прашања и координација околу предизвиците со кои се соочува палестинскиот народ.
Египет, заедно со Катар и Соединетите Американски Држави, има клучна посредничка улога во напорите за постигнување и одржување на прекин на огнот меѓу Хамас и Израел во Појасот Газа.

































