Маја Хвалинска / Фото: ЕПА

ТЕНИС

  • Хвалинска е само втората квалификантка што стигнала до финалето на еден гранслем-турнир. Пред неа, тоа го сторила само Британката Ема Радукану, која преку квалификации дојде до титулата на САД опен во 2021 година

Руската тенисерка Мира Андреева (осма на ВТА-листата) и полската квалификантка Маја Хвалинска (114-та), по малку изненадувачки ќе играат во денешното финале (15 часот) на гранслем-турнирот Ролан Гарос во Париз. Младата и талентираната Андреева (19) во полуфиналето ја победи Украинката Марта Костјук (15-та на ВТА-листата) со 2-0 во сетови (6-1, 6-3). Мечот траеше еден час и 16 минути. Ова беше трета средба меѓу руската и украинската тенисерка, а прв триумф на Андреева, со што го постигна и најголемиот успех во својата кариера на еден гранслем-турнир.
Андреева за ривалка во финалето ќе ја има Хвалинска (24), која се пласираше во финалето, откако ја победи руската тенисерка Дијана Шнајдер со 2-0 во сетови (7-6, 6-4). Мечот меѓу Шнајдер (23-та на ВТА-листата) и Хвалинска (114-та) траеше два часа и 10 минути. Хвалинска, која стигна до главната ждрепка на својот втор гранслем-турнир преку квалификации (откако претходно ги загуби во 2021, 2023 и 2025 година), е само втората квалификантка што стигнала до финалето на еден гранслем-турнир и нејзин најдобар резултат.

Пред неа, тоа го направила само Британката Ема Радукану, која преку квалификации дојде до титулата на САД опен во 2021 година.
– Се чувствувам како да сум во балон. Не знам што се случува. Многу сум среќна што сум тука – изјави по победата Хвалинска, пренесе „Би-би-си“.
Со пласманот во финалето, таа си обезбеди напредок од 93 места и засега е на 21-та позиција со 1.996 бода. Во случај да ја победи Андреева, ќе се најде на 14-то место, што ќе биде скок од точно 100 позиции.
Во машкото полуфинале, пак, вчера играа: Чехот Јакуб Меншик (27. во светот) против Германецот Александер Зверев (трет) и Италијанците Флавио Коболи (14-ти) и Матео Арналди (104-ти). Победниците ќе играат во утрешното финале.
Италијанците Сара Ерани и Андреа Вавасори триумфираа во мешани двојки, откако во финалето ги победија Габриела Дабровска од Канада и Еван Кинг од САД со 2-1 во сетови (4-6, 6-3 и 10-4). Г.И.