УТРЕ ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА ШКВ СКОПЈЕ 72
Шаховскиот клуб на ветерани Скопје 72 го организира вториот еднодневен турнир во брз шах (пет минути плус три секунди по секој одигран потег по играч) за ветерани „Еснаф-2 2026“, кој во 11 кола (швајцарски систем), ќе се одигра утре во „Еснаф“ во Скопје, со почеток во 10.30 часот. На него право на учество имаат сите шаховски ветерани од Скопје (не помлади од 60 години) и посебно поканети гости.
Поради организациско-технички причини бројот на учесници се лимитира на 26 од пријавените, при што организаторот го задржува правото на селекција при одредување на листата на учесници од пријавените шахисти, а предност ќе имаат редовните членови на клубот. Директор на турниот, кој патем ќе се рејтингува во Светската шаховска федерација (ФИДЕ), е Александар Сидоровски, а судија скопскиот ФМ Љубомир Хаџи-Манев.
На еден ден пред почетокот на турнирот се пријавени 25 шахисти, од кои тројца со титулата ФИДЕ-мајстор (ФМ), додека прворангиран е Кирил Николовски (2.155 рејтинг-поени).
Г.И.




































