Фото: Васил Стерјовски

Генералното собрание на Европска слободна алијанса (ЕФА), кое се одржува во Гандија, едногласно ја усвои резолуцијата предложена од Македонска алијанса за европска интеграција, со која се бара зајакната заштита на македонското малцинство во Албанија и доследно почитување на малцинските права во процесот на проширување на Европската Унија, пренесе МИА.

Во резолуцијата се повикува на принципиелен и доследен пристап од страна на албанските власти и институциите на ЕУ, со цел малцинските права не само формално да бидат признаени, туку и целосно да се спроведуваат во практика. Документот нагласува дека почитувањето на правото на самоидентификација, културната разновидност и еднаквите можности мора да останат меѓу темелните вредности на европскиот проект, особено во контекст на проширувањето на Унијата.

Претседателот на МАЕИ, Васил Стерјовски, изјави дека од албанската Влада се бара целосно спроведување на правата на македонското малцинство на сите подрачја каде што живеат Македонци, вклучително и обезбедување образование на македонски јазик секаде каде што постои соодветен интерес.

Резолуцијата дополнително бара воведување механизми за праведна политичка застапеност на малцинствата, вклучително и разгледување на можноста за загарантирано парламентарно претставување, како и обезбедување одржлив економски и инфраструктурен развој во средините населени со припадници на малцинските заедници.

Во документот се повикува и на зајакнување на независноста и ефикасноста на Комитетот за национални малцинства во Албанија преку воведување ротационен систем за претседател и заменик-претседател меѓу различните малцински групи. Исто така, се бараат слободни, фер и меѓународно набљудувани процеси на самоидентификација, вклучително и пописите на населението, како и ратификација на Европската повелба за регионални или малцински јазици.

Од институциите на Европската Унија се бара внимателно да ја следат состојбата со малцинските права во Албанија во рамки на пристапниот процес, а од Европска комисија се бара да спроведе истрага за положбата на македонското малцинство во земјата. Воедно, резолуцијата повикува на праведни и еднакви критериуми во процесот на пристапување и спречување на злоупотреба на правото на вето од земјите-членки за наметнување услови кои би ги нарушиле човековите права.

Во документот се наведува дека македонското малцинство во Албанија и понатаму се соочува со системски предизвици во остварувањето на своите права, особено во областа на образованието, политичкото претставување и економскиот развој, додека надворешните политички притисоци претставуваат ризик за зачувувањето на неговиот идентитет.

ЕФА изразува осуда за недоволното спроведување на стандардите за заштита на малцинствата, за економската запоставеност на регионите населени со Македонци, што придонесува за иселување и депопулација, како и за, како што се наведува, политичките притисоци од страна на Бугарија насочени кон асимилација или негирање на македонскиот идентитет во Албанија.

Во резолуцијата се осудуваат и наводните неправилности и надворешни влијанија во процесите на самоидентификација, како што се пописите на населението, како и издавањето потврди за бугарско потекло од страна на одредени албански општини без законска надлежност за такви постапки.

Од МАЕИ оценуваат дека учеството на Генералното собрание на ЕФА претставувало значајна можност за претставување на предизвиците со кои се соочува македонското национално малцинство во Албанија пред европската јавност и институции.

Македонска алијанса за европска интеграција стана полноправна членка на ЕФА во 2024 година. ЕФА е европска политичка партија која ги обединува и претставува регионалните, автономните и малцинските политички партии во Европа и има свои претставници во Европски парламент.