Москва и Минск се договорија да разместат тактичко нуклеарно оружје на територијата на Белорусија, изјави рускиот претседател Владимир Путин во интервју за ТВ каналот „Росија 24“. Тој вели дека изградбата на складиштето ќе биде завршена на 1 јули. Путин тврди дека ќе го распореди оружјето без да ги прекрши обврските од Договорот СТАРТ. Според него, причина за таквиот чекор е најавата на Велика Британија за снабдување на Украина со муниција со осиромашен ураниум.
Путин рече дека Белорусија долго време се обидува да постави руско нуклеарно оружје на своја територија. Тој додаде дека Москва „го прави она што САД го прават цела деценија“.
– Муницијата со осиромашен ураниум што Западот ќе ја пренесе во Киев не припаѓа на оружјето за масовно уништување, но на некој начин создава радиоактивна прашина и затоа се смета за многу опасна. Неизбежно ќе има контаминација на засеаните површини, што ќе создаде опасност и за локалното население и за животната средина – рече Путин.
Британската заменик-министерка за одбрана, Анабел Голди, неделава изјави дека Лондон на Украина ќе ѝ испорача оклопни гранати кои содржат осиромашен ураниум, покрај тенковите „Челинџер 2“. Путин веднаш предупреди дека Русија ќе одговори на таквите испораки.