Фото: Лукашенко/Интернет-страница на белорускиот претседател

Рускиот претседател Владимир Путин не ја турка Белорусија во војна со Украина, изјави белорускиот лидер Александар Лукашенко, но додаде дека доколку неговата земја биде нападната однадвор, тој ќе одговори со сите расположливи средства, вклучително и нуклеарно оружје – пренесе агенцијата „Хина„, повикувајќи се на „Ројтерс“.

– Доколку Белорусија се приклучи, што би постигнала? Ништо – рече Лукашенко, еден од најблиските сојузници на рускиот претседател Путин.

Белорусија граничи со Украина, Русија и три членки на НАТО, вклучувајќи ја и Полска.

– Ако Украинците не ја преминат нашата граница, ние никогаш нема да учествуваме во војната. Но, ние секогаш ќе и помагаме на Русија, тие се наши сојузници – рече Лукашенко во интервју со Дијана Панченко, проруско украинска новинарка.

Тој додаде дека верува оти Путин веќе ги постигнал своите цели во она што Русија го нарекува „специјална воена операција“ во Украина и дека двете страни треба да седнат на преговарачка маса и да разговараат за сите прашања, вклучително и за судбината на Крим и други украински територии за кои има претензија од Русија.

– Преговорите треба да почнат без никакви услови. Тоа е суштината на дипломатијата. Мора да седнеме на маса и да разговараме за се. И Крим и Херсон, Запорожје, Доњецк и Луганск – истакна тој.

Лукашенко предупреди дека Белорусија ќе одговори во случај на напад однадвор, вклучително и со нуклеарно оружје што Русија го постави на нејзина територија.

– Доколку започне агресијата од Полска, Литванија, Латвија, ние ќе одговориме со се што имаме – изјави белорускиот претседател.

– И против Украина, ако изврши агресија врз нас, нема да користиме само нуклеарно оружје. Имаме повеќе од само нуклеарно оружје. И ако ја поминете црвената линија, нема да ве предупредуваме, ќе удираме по центрите на политичка моќ. Ќе го направиме тоа без предупредување – нагласи Лукашенко.